Измени на Законот за трговски друштва — ќе се зајакнуваат правата на малцинските акционери
Имено, со новите измени поголеми права добиваат акционерите или група на акционери кои што поседуваат најмалку 10 проценти од вкупната главница на акционерското друштво. Во случај на сомневање на постоење одредени нерегуларности кои би можеле да му наштетат на акционерското друштво, малцинските акционерии маат право да побараат од Собранието на Акционери да се назначи итно овластен ревизор.
„Доколку за осум дена не се свика Собрание на акционери, или Собранието го одбие барањето, или пак во рок од 60 дена не донесе одлука, малцинските акционери имаат право да побараат назначување на овластен ревизор од надлежниот суд“, истакна Ѓорѓиев на денепната прес-конференција.
Трошоците за ревизорот, како што рече тој, ќе ги поднесат малцинските акционери, но доколку се утврди дека постојат нерегуларности, во тој случај трошокот ќе падне на товар на акционерското друштво.
Во владиниот пакет мерки со реформи е предвидено, меѓу другото, и пролонгирање на рокот за доставување на Годишна сметка до Централниот регистар.
Досегашната практика беше претпријатијата да поднесуваат завршна сметка два месеци по завршувањето на календарската година, при што малите и микро претпријатијата ја поднесуваа завршната сметка во писмена форма најдоцна до 28 февруари, а големите претпријатија поднесуваа завршна сметка и во електронски формат најдоцна до 15 ти март. Со новите измени малите и микро претпријатијата доколку го поднесуваат извештајот електронска форма тогаш тоа треба да го направат најдоцна до 15-ти март.
Со новите измени, како што укажа портпаролот, средните и големите претпријатија завршната сметка ја поднесуваат задолжително во електронска форма најдоцна до 15 ти март, а малите и микро претпријатијата доколку го поднесуваат извештајот во писмена форма тоа ќе треба да го направат најдоцна до 28 ми февруари, а доколку го поднесуваат во електронска форма тогаш тоа треба да го направат најдоцна до 15-ти март.
„Ова беше директно барање на Комората на сметководители на Република Македонија коешто беше разгледано од страна на ресорното Министерство и од страна на Владата и беше прифатено со цел да се реализираат интересите коишто тие ги имаа истакнато, за кои што аргументираа дека ќе ја подобрат позицијата и на нив како определена економска фела во државата но и на клиентите на кои што тие го водат нивното сметководство“, истакна Ѓоргиев.
Како што напомена тој овие две измени се само дел од поголемиот пакет реформи усвоени во однос на Законот за трговски друштва кои имаат за цел подобрување на бизнис климата во земјата и подобрување на правата на акционерите за поттикнување на акционерскиот активизам.