/ Прочитано:

2.409

Измени на Законот за трговските друштва: Да се стави вон сила постапката на бришење неактивни субјекти

 

Група пратеници предложија измени  на Законот за трговските друштва во врска со постапката на бришење неактивни субјекти од надлежен регистар.

„Постапката на бришење на неактивни субјекти од надлежен регистар, која во досегашната примена на законот покажа потреба да се стави вон сила, ја наметна  предложената измена на законот“, се вели во законското образложение.

„Со предложното законско решение ќе се олесни начинот и постапката за правните субјекти да го променат деловниот статус во активен со поднесување на  барање за упис на промени до Централниот регистар“, се истакнува понатаму во образложението.

Со измените се предвидува бришење на членот 552-а од законот, со кој е уредена постапката на бришење неактивни субјекти од надлежен регистар, која, како што се вели во законското образложение, во досегашната примена на законот покажа потреба истиот да се стави вон сила.

Со измените, исто така,  се брише членот 552-б од законот, со кој е регулирана  постапката за бришење на трговец поединец и трговско друштво од трговскиот регистар под таксативно наброени услови која по службена должност ја поведува Централниот регистар.

Воедно, со измените се предвидуваат преодни одредби со кои  правните субјекти кои се избришани од трговскиот регистар до влегувањето во сила на овој закон поради тоа што биле исполнети условите од членот 552-б од Законот за трговските друштва имаат право во рок од три месеци од денот на  влегувањето во сила на овој закон до Централниот регистар на Република Северна Македонија да поднесат барање за упис на промени за промена на деловниот статус на субјектот во активен со прилог-докази дека се отстранети причините поради кои субјектот бил избришан од трговскиот регистар.

„Исто така, правните субјекти кои ќе поднесат барање се ослободени од надоместок за такса. Со одредбата од ставот 3 се уредува дека по истекот на рокот од три месеци правните субјекти немаат право да поднесат барање за упис на промени за промена на деловниот статус на субјектот во активен“, се додава во законското образложение.

Уставниот суд укина одредби од Законот за трговските друштва во врска со забраната за основање трговско друштво

M.В