/ Прочитано:

2.362

Измени на Законот за учебници за основно и средно образование, чија цел е подобрување на квалитетот на учебниците

Министерството за образование и наука подготвува измени на Законот за учебници за основно и средно образование. Со овој закон се уредува издавањето на учебниците за основното и средното образование . Под издавање на учебници се подразбира подготовка, изработка и одобрување на учебници како основно наставно средство. Учебник, во смисла на овој закон, е основно наставно средство и извор на знаење за остварување на воспитно-образовните цели утврдени со наставниот план и програми на основното и средното образование.

Целта на Законот за изменување и дополнување на Законот за учебници за основно и средно образование е зголемување на бројот на одобрените учебници за еден наставен предмет, давање можност за осовременување на одобрените учебници за употреба во основните и средните училишта, како и подобрување на самиот квалитет на учебниците.

На почетокот од учебната година, од Министерството за образование и наука нагласија и дека учениците се преоптоварени со голем број часови и во таа насока ќе има промени во учебниците и наставните планови.

Потребата од измени на учебниците се нагласува и во истражувањето „Од бројки кон пракса – идентификување и анализа на показателите поврзани со квалитетот на наставниот процес во основното образование во Македонија“ на Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“.

Професорките и едни од авторките на истражувањето, Сузана Чеперналковска и Ана Томовска, велат дека е потребна и анализа на учебниците од аспект на поврзаноста на содржините со целите поставени во наставните програми.

Учебниците, посочуваат професорките, треба да го привлечат вниманието на учениците со интерактивниот пристап кон содржините, да понудат проблемски пристап во изучувањето на содржините, да ги поттикнат да размислуваат и да истражуваат на одредена тема, да бидат креативни.

„По одредени наставни предмети, учебниците треба сликовито да им ја  претстават содржината која ја изучуваат. Потребни се учебници во кои дел од содржините и темите би биле актуелни, блиски со интересите на учениците од 21 век. Освен што се особено важни учебниците, кои со содржините ќе ги заинтересираат или ќе создадат отпор, тешкотија кај учениците, важни се и прирачниците или другите дополнителни материјали за наставниците, кои би им помогнале полесно, поефикасно, покреативно да ги реализираат наставните содржини и да ги постигнат зацртаните цели“, вели Сузана Черепналковска.

„Учениците, пак, сакаат учебници напишани на јасен и разбирлив начин, во кои има примери, илустрации и истакнување на важните аспекти од материјалот. Од ова општа препорака би било дека е потребно да се внимава на термините што се користат при пишување на учебниците. Тие треба да се јасни, систематични и привлечни за учениците. Исто така, учебниците би требало да содржат помалку фактографски информации, а повеќе информации кои поттикнуваат понатамошно истражување и анализа на материјалот што се учи. Учебниците би требало да се придружени со соодветни помагала кои ќе поттикнуваат критичко размислување, односно вклучување на ученикот во активно барање податоци, нивна соодветна анализа и синтеза и нивна примена во решавање на проблемски ситуации. Материјалот треба да е што е можно повеќе поврзан со секојдневјето на учениците“, образложува Ана Томовска, една од авторките на истражувањето на „Фајнанс тинк“.

Минатиот месец министерката за образование, Рената Дескоска, истакна дека „Кембриџ“ уште минатата година предупредувал на слабостите во учебниците. „Кембриџ интернешнал“ уште во 2016 година ја информирал Владата дека е потребно повеќе време за да се реализира „Кембриџ програмата“ за средните училишта.

„Во второто писмо, ‘Кембриџ интернешнал‘ укажува дека е потребно време од 18 месеци до две години и за адаптација на учебниците, а со оглед на тесните рокови во кои тоа се прави во Македонија, процесот содржи слабости. За жал, во тој процес воден од претходната Влада, процес во кој биле игнорирани предупредувањата од самиот ‘Кембриџ’, штета им била нанесена и на учениците и на наставниците, но и на угледот на ‘Кембриџ’. За тоа кој имал корист од тоа, оставам јавноста да суди“, образложи Дескоска.

М.В