/ Прочитано:

1.410

Измени на Законот за здравствено осигурување во врска со комисиите за листата на лекови и за привремената спреченост за работа

Министерството за здравство подготвува измени на Законот за здравствено осигурување. Целта на законските измени е поедноставување на утврдувањето на листата на лекови, со тоа што наместо 14 стручни комисии, Владата ќе формира една стручна комисија, потоа бришење на нецелисходните одредби во делот на контролата/преиспитувањето на привремената спреченост за работа и додавање на сертификатот АПТИС во делот на меѓународно признатите сертификати за активно познавање на англиски јазик од страна на директорот на Фондот и бришење на условот за положен психолошки тест и тест за интегритет. Со измените ќе се воведе и квалификуван електронски потпис поради истекување на важноста на ЕЗК.

Со актуелните законски решенија е утврдено дека листата на лекови ја утврдуваат 14 стручни комисии, формирани од Владата на Република Македонија. Ова законско решение, велат од Министерството за здравство,  во праксата се покажа како широко поставено и неприменливо.

Исто така, посочуваат од Министерството за здравство, со Законот е утврдено дека работодавачот и министерот за здравство со формирање на посебни медицински комисии вршат преиспитување на оцената за привремена спреченост за работа.

„Ова законско решение се покажа нецелисходно и беспредметно, со оглед на тоа што законот содржи одредби со кои се предвидуваат контролни механизми на работата на избраните лекари, првостепените и второстепените лекарски комисии“, посочуваат од Министерството, од каде што додаваат и дека со законот се утврдени меѓународно признатите сертификати за активно познавање на англискиот јазик од страна на директорот на Фондот и положен психолошки тест и тест за интегритет, но не е утврден меѓународниот сертификат АПТИС.

Со истекување на важноста на ЕЗК во праксата се појавија проблеми со користењето на електронските услуги преку порталот на Фондот.

М.В