Измени на законската регулатива за намалување на сивата економија

Намалувањето на неформалната економија е стратешки приоритет и цел на Управата за јавни приходи, и во тој контекст континуирано се спроведуваат активности. За поефикасна борба и за значително намалување на сивата економија се пристапи и кон измени на законската регулатива и кон фискална едукација, вели директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

„Со измените и дополнувањата на Законот за регистрирање на готовинските плаќања се пропишува законска обврска за приложување фискална сметка кон сметката којашто се сторнира. При издавање фискална сметка ќе треба точно да се внесе начинот на плаќање, дали се плаќа во готово или со платежна картичка. УЈП иницираше измени и на Законот за даночна постапка за низа одредби врз основа на коишто се регулираат постапките на Управата за јавни приходи. Значителна измена е предложена во делот на третманот на нерегистрираните даночни обврзници во насока на заострување на критериумите за санкционирање на овој вид даночни обврзници, односно зголемување на глобите, како и пропишување на задолжителна мерка – привремена забрана за вршење на дејност на нерегистрираните даночни обврзници. Покрај наведеното, со измените на Законот за даночна постапка се прецизира и постапката на службената регистрација и задолжување на овој вид даночни обврзници”, истакна Лукаревска на форумот „Механизми за елиминација на сивата економија, имплементација и очекувани резултати“.

Сузбивањето на сивата економија е можно со здружена стратешка акција