ИЗМЕНИ НА ЗОУП: Висок процент на јавни органи кои поради недостиг на правници не определуваат овластени лица
Министерство за информатичко општество и администрација подготвува измени и дополнувања на Законот за општата управна постапка, кои, како што образложуваат од МИОА, се во насока на негово допрецизирање и обезбедување на доследна примена на начелото на делегирање при одлучување во управна постапка.
Во таа насока, со законските измени ќе се подготват измени и во однос на запирањето на постапката и огласувањето на управен акт за ништовен. Исто така, додаваат од МИОА, предложените измени и дополнувања на Законот за општата управна постапка имаат цел и негово усогласување со прописите од областа на електронското работење.
„Досегашната примена на Законот за општата управна постапка покажа дека не е воспоставен систем на уедначена управна пракса на ниво на јавните органи, постои висок процент на јавни органи кои од објективни причини (недостиг на правници) не можат да определат овластени лица за водење на управната постапка и воопшто не функционира или во многу мал процент функционира комуникацијата меѓу јавните органи во задолжителната електронска форма“, посочуваат од Министерството.
Со Законот за општата управна постапка се уредува постапката за остварување на заштита на правата и правните интереси на физичките лица, правните лица и другите странки, како и заштита на јавниот интерес, по која се должни да постапуваат министерствата, органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и органите на општината, на Градот Скопје и општините во Градот Скопје кога во вршењето на своите законски надлежности постапуваат, решаваат и преземаат други управни дејствија во управни работи.
М.В