/ Прочитано:

2.600

Измени во Кривичниот законик во врска со неовластената продажба на билети за спортски натпревари

Владата во Собранието на РМ предлага измени и дополнувања на Кривичниот законик кои се однесуваат на нелегално препродавање карти за спортски натпревари.

Извршниот комитет на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА), се вели во законското образложение, на 29.6.2015 година, на својот состанок одржан во Прага, Република Чешка, донесе одлука градот Скопје и Фудбалската федерација на Македонија да бидат организатори на Европскиот фудбалски СУПЕР КУП во 2017 година.

„Во согласност со правилата на Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) и Договорот за организација на натпреварот СУПЕР КУП во 2017 година, кој треба да биде потпишан помеѓу УЕФА и Фудбалската федерација на Македонија, заради успешна организација и реализација на овој спортски настан, организаторот е должен да обезбеди потпишани гаранции од надлежните институции во државата каде што се организира овој настан кои се обврзани да ги преземат сите неопходни мерки за спречување на фалсификувањето на билетите за овој фудбалски натпревар и нивно нелегално препродавање“, се вели во законското образложение.

Во согласност со постојната регулатива во Република Македонија, се додава во образложението на предложениот законски текст, нелегално препродавање карти за спортски натпревари не е санкционирано во Кривичниот законик, за што е потребно да се преземат активности за пропишување на ваквото кривично дело во Кривичниот законик на Република Македонија.

„Имајќи го предвид горенаведеното, а со оглед на фактот дека надлежните институции веќе ги имаат потпишано предметните гаранции со кои е преземана обврска за ефикасно спречување на ваквите нелегални активности, Канцеларијата на претседателот на Владата на Република Македонија, како координатор на активностите на институциите-членови на работната група задолжена за организација на СУПЕР КУПОТ 2017 година, достави барање за свикување на соодветната работна група задолжена за изменување и дополнување на Кривичниот законик заради преземање на неопходните активности за регулирање на оваа материја, со што ќе се придонесе за успешна организација на овој и на други идни домашни и меѓународни спортски настани, а воедно ќе се спречат и штетните последици кои би произлегле како резултат на преземање на ваквите нелегални дејствија. По одржаниот состанок на работната група, се одлучи да се измени и дополни членот 277 од Кривичниот законик ’Недозволена трговија’ со внесување посебен став за неовластена продажба на билети за спортски натпревари и друг вид манифестации“, се истакнува во образложението.

М.В