/ Прочитано:

1.301

Измени во Законот за употребата на македонскиот јазик — потреба и предизвик

Петок, 18 октомври 2013 – Воочливо е дека законската употреба на македонскиот јазик во практиката создава низа проблеми: од правилната употреба во средствата за јавнo информирање и комуникација, индустрискиот маркетинг, па се до именувањето на населените места и нивното означување со македонскиот јазик како службен јазик на целата територија на државата. Ваквата состојба наметнува потреба од измени на постоечкиот закон, лоцирање на главните пропусти и интегрирање на одредби со кои ќе се постигнат основните цели на законот, истакнаа домашните експерти на Јазичната трибина „Јазичното планирање во РМ“ што деновиве се одржи во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. 

Инклузија на науката 

За да се создаде квалитетен законски текст кој ја третира проблематиката на јазикот неопходно е да се вклучи академската и експертската јавност чие потесно поле на проучување е македонскиот јазик. Од тие причини, а како прифатена општа согласност за потреба од законска интервенција во оваа област, во рамки на Министерството за култура е формирана работна советодавна група која работи на идните законски измени. Искуствата, предлозите и сугестиите на научната јавност треба да бидат основните ориентири кон кои ќе се движи дефинирањето на законскиот текст. Не може да постои монолитен закон од филолошка провиниенција ако во него не се вградат искуствата од науката. Од тој спој на науката и правото треба да се создаде законски текст кој покрај правното, ќе го истакне и културното значење на јазикот. Тоа особено треба да се земе во предвид со оглед на фактот дека јазикот и самиот правна вредност, потенциран и во регулативата на ООН, а и во постоечкиот закон за употреба на македонскиот јазик кој го дефинира како „духовно богатство”. Меѓутоа, едно од потешките прашања е како тие предлози номотехнички да бидат уредени во текст, кој воедно ќе биде применлив во ралноста. Ова меѓудругото беше истакнато на научната трибина која се организира во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, а која имаше за цел да ги проанализира токму овие прашања и воопшто прашањата на јазичната политика во Република Македонија.

Научна дебата: Политичкиот фактор и медиумите влијаат врз јазикот

Според учесниците и експертите кои се дел од членови во Советот за македонски јазик, проблемите со законската употреба на  македонскиот јазик се на алармантно ниво. Како што беше истакнато, тоа е резултат на повеќе фактори од економска, социлошка, културна и политичка природа. Беше истакнато и дека во напливот на средства за јавно информирање постои лоша пракса на непочитување и неправилно употребување на јазикот. Со оглед на тоа дека медиумите имаат моќно „воспитно” влијание на јавноста, треба многу да се внимава и македонскиот јазик да се употребува правилно, со што ќе се отстранат сите негативни влијанија во однос на интегритетот и идентитетот на неговата филолошка физиономија. Покрај тоа, како едно од погорливите прашања беше потенцирана и употребата на македонскиот јазик при именувањето на населените места и нивното означување со него како службен јазик на територијата на Република Македонија. Оттука, беше посочено –  потребно е Законот за употреба на македонскиот јазик да оперира со механизми со кои на прецизен начин ќе биде опфатена и топономијата, а за  што е потребно формирање на посебна Комисија составена од експерти кои ја проучуваат таа проблематика и чија главна дејност ќе биде превенирањето, предложувањето и дефинирањето на начин за адекватно и законско именување на населените места.

На дебата се спомена и политичкиот фактор, кој според експертите, е многу сензитивно и битно прашање. Република Македонија има суи генерис модел на законско етаблирање на употребата на јазиците, но претставува модел што ги промовира малцинските јазици. Според професорката д-р Снежана Веновска – Антевска правната промулгација на Рамковниот договор во контекст на употребата на јазиците создаде сериозни проблеми и пропусти во праксата и тука треба да се лоцираат сегменти кои ќе бидат попрецизно нормативно обработени. Постои терминологија која е употребена како правен израз, меѓутоа таа иницира можност за различни толкувања. Оттука, различните толкувања, пак, создаваат двосмисленост и можност за злоупотреби и противзаконски дејствија.

Европски искуства: Без академско познавање на холандскиот јазик нема запишување во високобразовна институција

При подготовка на законските измени, добредојдени се и европските искуства. Деканот на филолошкиот факултет „Блаже Конески”, проф. др Славица Велева истакнува дека од голема важност е академската поставеност на јазикот и регулирањето на лекторите во правен контекст. Во однос на академската поставеност на јазикот, низ дебата беше напоменато искуството и практиката со Холандија каде холандскиот јазик е подигнат на такво академско рамниште без чие академско познавање не може да постои факултетска проодност и запишување во високобразовна институција. Користењето на европските искуства ги потврди и член на Советот за македонски јазик, кој соопшти дека при подготовка на новелата се користат примери од Република Словенија, но и дека големо значење се придава на употребата на јазикот во индустријата и маркетингот, за што веќе и се најавува средба на претставници од тој сектор со членовите на Советот за да се разгледа поставеноста и употребата на македонскиот јазик таму.

Така говореше Конески

Она што може да се заклучи од зборот на науката е дека нов интегриран текст на закон за употреба на македонскиот јазик е неминовност за македонското законодавство и култура. Причините за потреба од таков закон се јасни, но предизвикот на новелираниот закон е како да функционира и да се адаптира на социолошките и културолошките околности. Или кажано со јазикот на правниците – како би профункционирал во пракса. Како би се имплементирал со сите позитивни сугестии, предлози и одредби вградени како легислатива. Ќе биде потребен посериозен општетсвен ангажман за  темелна нормативно-културолошка акција. Секако, најпрво во културната матрица и менталитет. Почитувањето на јазикот никогаш не треба да го има префиксот на политизацијата, напротив, тој претставува културна вредност што само говори за степенот на општествена одговорност и културна наобразба. Од тие причини и Блаже Конески, професорот на научниците кои го проучуваат јазикот и претставуваат неговата најблескавата одбрана ќе рече: „До каде што ни е јазикот, дотаму ни е и татковината“.


Автор: Mилчо Велјаноски

Објавено: 18.10.2013