/ Прочитано:

1.195

Измените на законите за Судскиот совет и за судовите не ги исполнија очекувањата на судиите

Здружението на судиите на РМ објави соопштение за јавностa во врска со измените и дополнувањата на Законот за судовите и на Законот за Судскиот совет.

„Разгледувајќи ги активностите поврзани со реформскиот процес на правосудниот сектор, Управниот одбор на ЗСРМ, на седница одржана на 15.5.2018 година, оцени (заклучи) дека последните измени и дополнувањата на Законот за судовите и на Законот за Судскиот совет не ги исполнија очекувањата на судите, а во насока на ефективно реформирање на овој сектор, особено измените и дополнувањата кои ги регулираат статусните прашања, односно дисциплинската одговорност на судиите и основите за разрешување.

Управниот одбор на ЗСРМ смета дека овие измени не се во корелација со Стратегијата за реформа на правосудниот сектор за периодот 2017 – 2022 година и изразената определбата за реален инклузивен пристап на судиите во овој процес. Во тој контекст, Управниот одбор на Здружението на судиите ги повикува и ги охрабрува Владата и опозицијата да преземат законодавни активности кои во прв план ќе ги стават интересите на судиите, притоа креирајќи стабилни решенија кои ќе ја гарантираат судската независност и самостојност, а со цел обезбедување на квалитетна и ефикасна правда за сите граѓани.

Управниот одбор на ЗСРМ ја поздравува посветеноста на парламентарното мнозинство и на опозицијата да работат заедно на реформската агенда во правосудниот сектор, но смета дека за нив приоритетни треба да бидат определбите за независно и самостојно судство преку креирање на стабилни механизми кои ќе ја гарантираат истата, притоа  почитувајќи ги определбите на судиите изразени во повеќе документи доставени до Владата и до останатите чинители на овој процес.

Тргнувајќи од Акциониот план за имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017 – 2022 година, а притоа имајќи  ја предвид целокупната проекција, односно поставеноста на овој процес, Управниот одбор на ЗСРМ изразува надеж дека идните активности ќе го рефлектираат реалниот инклузивен пристап на судиите, со видлив партиципативен ефект во креирањето на законската регулатива. Во оваа насока, ЗСРМ постојано ќе ги евалуира ефектите од своето учеството во овој процес и соодветно ќе се позиционира“, се вели во соопштението на Здружението на судии.

М.В