/ Прочитано:

2.616

Измените на Законот за адвокатурата со европско знаменце пред пратениците

Измените на Законот за адвокатурата се во собраниска процедура со европско знаменце.

Адвокатурата, се нагласува во законското образложение, е уставно загарантирана категорија и има важна улога во секое демократско општество, но и централна улога во правосудниот систем. Таа е дефинирана во членот 58 од Уставот на Република Северна Македонија како самостојна и независна јавна служба што обезбедува правна помош и врши јавни овластувања во согласност со закон.

Адвокатурата е регулирана со посебен закон. Првиот Закон за адвокатура се донесе од страна на Собранието на Република Македонија на седницата одржана на 16 декември 1992 година. Заради подобрување на статусот на адвокатите во општеството и унапредување на независноста на адвокатурата, на 15 јули 2002 година е донесен нов Закон за адвокатура и истиот претрпе голем број измени и дополнувања, за што се јави потребата од донесување на нов Закон за адвокатура имајќи ги во предвид сегашните услови и реформата на правосудниот сектор во Република Северна Македонија.

„Адвокатурата е опфатена со Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017 – 2022 и нејзиниот Акциски план, конкретно во рамки на стратешките цели: Унапредување на квалитетот во правосудниот сектор ( 2.2.) и Пристап до правда (2.6.).

Во стратешката цел (2.2) „Унапредување на квалитетот во правосудниот сектор“ е  утврдена стратешка насока 2.2.5. – „Воведување на законска обврска за континуирана обука на адвокатите“ и мерката „Измена на Законот за адвокатура со цел воведување на континуирана обука за адвокатите, организирана од страна на Адвокатска комора со законски утврден фонд на часови на годишно ниво“.

Актуелната состојба им овозможува на адвокатите нивно стручно усовршување преку посета на обуки од различни области во текот на нивното работење, но со воведувањето на задолжителна континуирана обука, организирана од страна на Адвокатската комора, ќе се обезбеди исклучителен придонес кој ќе биде насочен кон јакнење на адвокатската професија.

Во стратешката цел (2.6.) „Сеопфатна анализа на постојната законска поставеност и работа на адвокатската професија и пристапување кон нејзина реформа согласно со реформите во останатите сегменти од правосудниот сектор“ е утврдена стратешката насока 2.6.2.3-1 „Подготовка на измени на Законот за адвокатура“.

Основна цел за донесување на овој закон е јакнење на адвокатската професија која ќе може да одговори на реформираниот правосуден сектор.

Законот за адвокатура е структуриран подетално во VI глави, во кои детално е уредено обезбедувањето на правна помош на физички и правни лица во остварувањето на нивните права и врз закон засновани интереси во постапката пред судовите, државните органи, други правни лица, органите на единиците на локалната самоуправа, вршење на адвокатска дејност, како и организацијата на адвокатурата, условите за вршење, престанок и мирување на адвокатската дејност и правата и обврските на адвокатите, како и осигурувањето на адвокатите од одговорност од штета.

Предложениот текст на Предлог-законот за адвокатура е во насока на обезбедување на конзистентност при користење на правната терминологија во законот, односно ќе се изврши јасно прецизирање од номотехнички аспект на одредени законски одредби со цел истите да бидат јасни, недвосмислени и разбирливи и со тоа лесно и подеднакво применливи во сите ситуации и за сите, а од друга страна ќе се исполнат активностите кои произлегуваат од Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017 – 2022 година и нејзиниот Акциски план“, се вели во законското образложение.

„Адвокатската комора формира Центар за едукација и се грижи за стручно оспособување на адвокатите“

Адвокатските предмети се неприкосновени

Адвокатот не може да биде повикан на одговорност за искажано мислење при давањето правна помош

Постојаното стручно усовршување – обврска за адвокатите

„Адвокатот може да врши јавна функција или јавна служба доколку за вршење на истата не заснова работен однос“

Условот за запишување на судии, обвинители, функционери, извршители и нотари во Именикот на адвокати

Објавен текстот на Предлог-законот за адвокатурата

Измени на Законот за адвокатурата за јакнење на адвокатската професија

Законски измени на Законот за адвокатурата за воведување континуирана обука за адвокатите

М.В