/ Прочитано:

2.782

Измените на Законот за финансиска дисциплина со европско знаменце пред пратениците

Измените на Законот за финансиска дисциплина  се во собраниска процедура. Со предложените измени се врши натамошно усогласување со Директивата за борба против задоцнето плаќање во комерцијални трансакции 2011/7/ЕУ, во однос на прецизирање на тоа дека условите од договорот не се значително неправедни и нефер кон доверителот, како и во делот на надоместокот за доцнење при исполнување на парични обврски.

Се предлага надзорот над спроведувањето на одредбите од Законот за финансиска дисциплина кај економските оператори од приватниот сектор од Управата за јавни приходи да се пренесе на Државниот пазарен инспекторат.

Според актуелното законско решение, надзорот над спроведувањето на одредбите од Законот за финансиска дисциплина кај економските оператори од приватниот сектор го врши Управата за јавни приходи, која е надлежна за утврдување, контрола и наплата на даноци или јавни давачки. Постапката за надзор над Законот за финансиска дисциплина, посочуваат од Министерството,  не претставува даночна контрола и со неа не се утврдува данок или јавна давачка.

Со Законот за финансиска дисциплина се уредува навременото исполнување на парични обврски кои произлегуваат од реализација на деловни трансакции меѓу економските оператори од приватниот сектор, односно меѓу субјектите од јавниот сектор и економските оператори од приватниот сектор заради спречување на неисполнување на паричните обврски во роковите утврдени во согласност со овој закон.

Основните решенија на предложениот закон се:

  • Доусогласување со Директивата за борба против задоцнето плаќање во комерцијални трансакции 2011/7/ЕУ;
  • Намалување на надоместокот за доцнење при исполнување на паричната обврска, од 3.000 денари на 2.400 денари;
  • Пренесување на надзорот меѓу економските оператори од приватниот сектор од Управата за јавни приходи на Државниот пазарен инспекторат при Министерството за економија;
  • Бришење на постапката за жалби до Државниот управен инспекторат за ненавремено постапување од страна на органите надлежни за надзор;
  • Бришење на обврската за органот кој врши надзор да врачува покана за едукација на одговорното лице на субјектот кај кого е утврден сторен прекршок по прв пат.

Ќе се менува и Законот за финансиска дисциплина

М.В