/Прочитано:

461

Измените на Законот за хартии од вредност во собраниска процедура  

Владата на РМ го поднесе  Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за хартии од вредност во Собранието на РМ, кој ќе се разгледува во скратена постапка.

 Основните цели поради кои се предлага овој закон се: 

-да се продолжи рокот за задолжителна котација, со што ќе се задржи свесноста  на компаниите во однос на нивните обврски за транспарентност,

-да се овозможи порамнување на прекугранични трансакции преку поврзување на депозитарот со странски депозитари.

-да се овозможи банки во Република Македонија кои вршат активност чувар на имот или склучуваат трансакции на пазарот преку шалтер да бидат директни учесници во постапката на порамнување на трансакциите со хартиите од вредност,

-да се опфатат сите случаи кога се врши нетрговски пренос со хартии од вредност, како што се: вложување како непаричен влог при основања и зголемување на основна главнина во трговски друштва и статусни промени во согласност со Законот за трговските друштва, распределба по завршување на постапки за стечај и ликвидација и кога врз основа на закон се наложува пренос на сопственост на хартии од вредност.

Основни решенија на Предлог-законот се:

-да се продолжи рокот за задолжителна котација за период од две години,

-да се уреди можноста овластен депозитар да извршува порамнување на прекугранични трансакции,

-да се овозможи банки чувари на имот и банки кои учествуваат во трансакции склучени на пазари преку шалтер да бидат директни учесници во постапката на порамнување на трансакциите со хартиите од вредност,

-да се скрати времето на порамнување на трансакциите од три на два дена,

-да се прошират основите за вршење на нетрговски пренос со хартии од вредност.

Законското објаснување на предложените измени

„Со членот 1 од Предлог-законот се брише дел од одредбата која го уредува начинот на порамнување на трговските трансакции. Бришењето на овој дел од одредбата е поради воведување на нови начини на порамнување кои се употребуваат во меѓународни рамки, така што со бришење на оваа одредба се трга ограничувањето порамнувањето на трговските трансакции да се врши само согласно принципот испорака наспроти праќање и се остава простор да се користат и други начини на порамнување (Закон за преземање на акционерските друштва – принципот „испорака наспроти испорака“ кога понудувачот може да понуди други хартии од вредност за замена како надоместок во постапката за преземање, Генералниот репо договор – пренос на сопственост на хартии од вредност без пренос на парични средства, врз основа на изложеност и замена на хартии од вредност кај склучени репо-трансакции и други). Исто така со членот 1 од Предлог законот се врши дополнување на функциите на депозитарот од причина што депозитарот врши и други функции и согласно други закони (Закон за преземање на акционерски друштва).

Со членот 2 од Предлогот на законот се врши доуредување постојната законска регулатива во делот на членството во депозитарот. Согласно постојната законска регулатива, членки на депозитарот се брокерски куќи и банки кои имаат дозвола за работење со хартии од вредност од страна на Комисијата за хартии од вредност. Банките учествуваат и во склучување на трансакции на пазарот преку шалтер, а исто така се јавуваат и во улога на депозитарни банки кои се чувари на имот согласно Законот за инвестициски фондови и Законот за капитално финансирано пензиско осигурување. Во вакви случаи банките не мора да имаат дозвола за работа од Комисијата, а за вршење на овие работи е потребно да бидат директни учесници во процесот на порамнување на склучените трансакции. Поради тоа, со измената се предлага банки во Република Македонија кои вршат активност чувар на имот или склучуваат трансакции на пазари преку шалтер да бидат директни учесници во постапката на порамнување на трансакциите со хартиите од вредност.

Со членот 3 од Предлогот на законот се врши доуредување на одредбите кои се однесуваат на нетрговски пренос. Согласно постојната законска регулатива нетрговски пренос може да се врши врз основа на:  договор за подарок, реализација на договор за залог на хартии од вредност, наследство и  судска одлука. Со цел да се опфатат сите случаи кога се врши нетрговски пренос со хартии од вредност, со измената на законот како основ за нетрговски пренос се воведува и следниве можности:  вложување како непаричен влог при основања и зголемување на основна главнина во трговски друштва и статусни промени согласно Законот за трговските друштва, распределба по завршување на постапки за стечај и ликвидација, отстапување на хартии од вредност за време на живот и кога врз основа на закон се наложува пренос на сопственост на хартии од вредност.

Со членот 4 од Предлогот на законот се додаваат четири нови члена 60-а, 60-б, 60-в и 60-г со кои се уредува начинот на вршењето на новопредложените дозволени нетрговски преноси.

Со членот 5 од Предлогот на законот се врши дополнување на членот 62 од постојниот закон кој се однесува на порамнување на трансакции со хартии од вредност. Со измената се дополнува дека депозитарот може да врши и порамнување на прекугранични трговски трансакции. За порамнувањето на склучените прекугранични трансакции депозитарот може да се поврзува со странски депозитари односно странски институции кои вршат порамнување на хартии од вредност, при што ваквото поврзување депозитарот го врши врз основа на склучен договор.

Со членот 6 од Предлог – законот се уредува можноста преносот на хартии од вредност да може да се врши и со користење на други принципи за порамнување, а не само на принципот испорака наспроти плаќање. Оваа измена се предлага од причина што во пракса се јавуваат ситуации каде е потребно да се изврши пренос на хартии од вредност, а таквиот пренос не може да се изврши согласно постојниот принцип пропишан во законот „испорака наспроти плаќање. Така согласно Законот за преземање на акционерски друштва  понудувачот може да понуди други хартии од вредност за замена како надоместок во постапката за преземање. Во овој случај би се користел принципот на порамнување – испорака наспроти испорака.  Слична постапка е пропишана и во Генералниот репо договор каде може да се изврши замена на хартиите од вредност при репо-трансакции. Според Правилникот за начинот и постапката за порамнување на трансакциите со хартии од вредност на пазарите преку шалтер, депозитарот врши пренос на сопственост на хартии од вредност без пренос на парични средства, врз основа на изложеност и замена на хартии од вредност кај склучени репо-трансакции. Поради тоа со измената се предлага да се превидат и овие алтернативи за плаќање, кои постојат и кај други депозитари, а начинот на нивното реализирање ќе се уредува согласно други закони и акти и ќе бидат соодветно пренесени во Правилата за работа на ЦДХВ, на кои согласност дава КХВ.

Со членот 7 од Предлогот на законот се скратува времето потребно за порамнување на трговските трансакции од три на два работни дена. Оваа измена е во насока на  следење на меѓународните стандарди и пракси, согласно кои времето потребно за порамнување на трговските трансакции е два работни дена.

Со членот 8 од Предлогот на законот се врши дополнување на членот 66-а кој се однесува на Гарантниот фонд, односно се прецизира дека гарантниот фонд се користи за порамнување на трансакции склучени на овластена берза.

Со членот 9 се продолжува рокот за задолжителна котација за период од уште две години, односно до 30 април 2020 година.

Со членот 10 од Предлог законот се дава одложна примена на членот 2 и членот 5 од Предлог законот.“

Во подготовка измени на Законот за хартии од вредност

М.В