Измените на Законот за извршување се во подготовка
Се подготвуваат измени на Законот за извршување кои од Комората на извршители најавуваат дека ќе бидат во насока на поголема ефикасност на извршувањето. Претседателот на Комората на извршители, Зоран Димов, денеска изјави дека со Министерството за правда ќе работат на тоа законот во иднина да стане функционален и извршителите да бидат ефикасни, како што биле пред стапување во сила на законот што почна да се применува од оваа година.
„Со повеќе одредби што беа донесени во 2016 година, а почнаа да се применуваат во 2017 година, се воведоа некои институти кои дотогаш не постоеја, а кои доведоа до забавување на извршувањето што, пак, значи зголемување на каматите на должниците“, вели Димов.
Во однос на тарифникот на извршителите, Димов вели дека имаат најниска тарифа, пониска и од адвокатите и од нотарите, но оти во следниот период треба да се организираат за сите услуги да бидат подостапни до граѓаните.
Во август оваа година, Министерството за правда најави дека подготвува измени на Законот за извршување. Како што посочија од Министерството, во актуелното законско решение постои нејасен, неефикасен и комплициран начин на полагање испит за извршители и спроведување конкурс за извршители и сложен и скап систем на спроведување постапка за вонсудска наплата на долгови.
Од извршените надзори врз работата на извршителите и Комората на извршители, истакнаа од Министерството за правда, се увиде потребата од ревидирање на начинот на вршење надзор. Решенијата со кои се уредува задолжителното учество на адвокати при спроведување на извршување за побарувања поголеми од 10.000 евра, исто така, како што најави Министерството, ќе бидат предмет на законски измени.
Целта на предлог-законот, истакнуваат од Министерството за правда во образложението за потребата од законски измени, е коригирање на тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работењето на извршителите, редефинирање на постапката за вонсудска наплата на долгови, редефинирање на постапката за спроведување на испит за извршители и спроведување конкурс за именување на извршители, поекономична и поедноставна постапка за иницирање на извршување и ревидирање на начинот за вршење на надзор над работата на извршителите и Комората на извршители.
Со Законот за извршување се уредуваат правилата според кои извршителите постапуваат заради присилно извршување на судска одлука која гласи на исполнување на обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено.
Одредбите од овој закон се применуваат и врз присилно извршување на одлука донесена во управна постапка која гласи на исполнување на парична обврска, освен ако со друг закон поинаку не е определено. Одредбите на овој закон, исто така, се применуваат и врз присилно извршување на нотарски исправи и други извршни исправи предвидени со закон.
М.В