/ Прочитано:

1.527

Измените на Законот за матичната евиденција пред собраниските комисии

Измените на Законот за матичната евиденција се пред Комисијата за политички систем и пред Закондавно-правната комисија.Измените на Законот за матичната евиденција за трансродовите лица и признавање на родот се во собраниска процедура со европско знаменце.

Со донесувањето на предложените измени и дополнувања на Законот за матичната евиденција, се вели во законското образложение, се уредува материјата на: вградување на дефиниции за пол, род и родов идентитет, уредување на постапката за правно признавање на род и прекршочните одредби.

„Меѓународните стандарди за човекови права го признаваат правото на лицето на родов идентитет (gender identity). Почитувањето на родовиот идентитет вклучително и правото на правно признавање од страна на државата е дел од правото на приватен живот, коешто се гарантира со Уставот на Република Северна Македонија и меѓународните конвенции за човекови права.

Правното признавање на родот е процес во кој поединецот може да ја промени ознаката за пол во матичната евиденција и на тој начин државата да го признае неговиот вистински род. Правото на транслуѓето да добијат документи кои ќе го рефлектираат нивниот родов идентитет е клучно за тие да можат да функционираат соодветно во општеството и да бидат заштитени од низа повреди на човековите права, вклучувајќи ја дискриминацијата при вработувањето, физичките и вербалните напади, како и ограничувањето во склучувањето на брак и пристапот до добра и услуги.

Во законодавството на Република Северна Македонија не постои правна рамка за правно признавање на родот. Северна Македонија е една од десетте земји во Советот на Европа каде што правното признавање на родот не е достапно (покрај Албанија, Андора, Ерменија, Кипар, Грузија, Лихтенштајн, Монако, Сан Марино и Србија).

Законот за матичната евиденција го регулира внесувањето на податоците, водењето на матичните книги, како и промената или исправката на податоци во матичните книги. Но, овој закон не обезбедува јасна процедура за промена на ознаката за пол.

Во недостиг на јасно утврдена законска постапка, трансродовите луѓе ги користат постојните закони за делумно усогласување на податоците во документите за идентификација со својот родов идентитет. Законот за лично име им овозможува на трансродовите луѓе да го променат своето име ако тие ги исполнуваат условите што се применуваат за сите граѓани, без исклучоци за трансродовите луѓе.

Правниот вакуум придонесува за донесување на произволни одлуки со кои надлежните институции во исти или слични ситуации носат целосно спротивни одлуки, со што ја нарушуваат правната сигурност на транслуѓето. Оние кои веќе започнале со медицинската промена, а сѐ уште поседуваат документи за лична идентификација кои не го одразуваат нивниот актуелен изглед, родов идентитет и родово изразување се оставени во лимбо состојба на неодредено време.

При изготвувањето на предложените законски одредби се имаше предвид обврската на Република Северна Македонија да ги спроведе меѓународно преземените обврски. Најнапред Пресудата на Европскиот суд за човекови права за случајот на лицето Х против Република Северна Македонија (Application no. 29683/16) од 17.1.2019 година, со која Судот констатира дека Република Северна Македонија сторила повреда на членот 8 од Конвенцијата поради недостиг на регулаторна рамка која обезбедува право на почитување на приватниот живот на жалителот.

Извештајот за степенот на спроведување на Препорака CM/Rec.(2010)5 од Комитетот на министри до земјите членки во однос на мерките за борба против дискриминација врз основа на сексуална ориентација или родов идентитет констатира дека: ‘Законот за матична евиденција во Република Северна Македонија го регулира внесувањето на податоците, водењето на матичните книги, како и промената или исправката на податоци во матичните книги. Но, исто како и другите споменати закони, овој закон не обезбедува јасна процедура за промена на ознаката за пол и единствен матичен број на граѓанинот.’

За таа цел, се пристапи кон измени и дополнување на Законот за матична евиденција“, се вели, меѓу другото, во законското образложение.

Постапката за промена на ознаката за пол во матичната евиденција и признавање на родовиот идентитет

Измените на Законот за матичната евиденција за трансродовите лица во собраниска процедура

Усвоени законски измени за признавање на родовиот идентитет на трансродовите лица

УШТЕ ЕДНА СУДСКА ОДЛУКА ВО КОРИСТ НА ТРАНСРОДОВО ЛИЦЕ ВО МАКЕДОНИЈА: Трансродова жена доби случај пред Управниот суд

По пресудата на ЕСЧП во корист на трансродовите лица, се подготвуваат измени на Законот за матичната евиденција за промена на ознаката за пол

Пресуда на Судот во Стразбур во корист на правата на трансродовите лица во Македонија

Донесено решение за утврдување на промена на пол во матичната евиденција: Ова е голем пресврт за правата на трансполовите лица, вели адвокатот Жарко Хаџи Зафиров

Пресуда во корист на тужител за исправка на податоците во матичната книга на родените за промена на податокот за пол

М.В