/ Прочитано:

717

Измените на Законот за полиција во собраниска процедура

Во собраниска процедура се измените на Законот за полиција. Предлагач на измените е Владата.

„Со Законот за полиција (,,Службен весник на Република Македонија” бр.114/06, 6/09, 145/12, 41/14, 33/15, 31/16, 106/16, 120/16, 21/18 и 64/18), нормaтивно правно се уредуваат полициските работи, организацијата на Полицијата, полициските овластувања и правата и обврските што произлегуваат од работниот однос на полициските службеници во Министерството за внатрешни работи, што не се уредени со Законот за внатрешни работи.

Содржински, Законот за полиција е поделен во VIII глави: општи одредби, полициски работи, организација на Полицијата, полициски овластувања, работни односи, резервен состав на Полицијата, овластување за подзаконски прописи и преодни и завршни одредби.

Имајќи ги предвид препораките за Министерството за внатрешни работи, кои произлегуваат од Извештајот на ГРЕКО за евалуација на Република Северна Македонија – Петти круг на тема „Спречување на корупцијата и промовирање на интегритет кај централната власт (највисоките извршни функции) и органите за спроведување на законот, се пристапи кон ревидирање на одредени решенија содржани во Законот за полиција, а конкретно во насока на спроведување на препораката која се однесува на  воспоставување објективни и професионални критериуми за назначување на директорот на БЈБ, кои одговараат на потребите на таквата позиција.

Со предложените измени се регулираат и конкретни евиденции кои ги води Полицијата, а се однесуваат на oтпечатоци од папиларни линии; ДНК профили и фотографии од лица со рокови за нивно чување, начин на нивно структуирање, како и бришење на евиденциите, како и содржинско односно нормативно-правно подобрување на текстот, со цел доследна примена на конкретни законски решенија.

Со оглед на горенаведеното, со Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за полиција најпрво се врши интервенција во членот 16 од законот кој се однесува на посебните услови кои треба да ги исполнува директорот на Бирото за јавна безбедност, при што се додава нова точка со која се предвидува директорот да нема државјанство на друга држава, а во однос на образованието и работното искуство постојните точки се заменуваат со нови со кои се определува директорот да има стекнато има стекнато најмалку 300 кредити според ЕКТС или завршен најмалку VII/2 степен на образование во научните подрачја: општествени науки од областа на безбедноста, одбраната, правните и економските науки, како и да има најмалку 12 години работно искуство, во областа на безбедноста, одбраната или разузнавањето, од кои најмалку пет години на раководни позиции во истите. Понатаму, се додаваат уште четири нови точки со кои се предвидуваат четири нови услови кои е потребно да ги исполнува директорот на Бирото за јавна безбедност и тоа: да не е член на политичка партија или член на органи и тела на политичка партија; со безбедносна проверка, која се врши врз основа на негова претходна писмена согласност, да е утврдено дека не постои безбедносен ризик за негово именување; да не е утврдено постоење на судир на интереси, согласно со закон и да има положено Тест за интегритет.

Согласно досегашната пракса при спроведување на законските одредби кои се однесуваат на евиденциите кои ги води Полицијата, се утврди потребата од регулирање на конкретни одредби од Законот за полиција кои се однесуваат на евиденциите. За таа цел, со членот 2 од предложениот закон се врши регулирање на конкретни евиденции кои се однесуваат на: отпечатоци од папиларни линии, ДНК профили и фотографии од лица. Со членот 3 од предложениот закон се интервенира во членот 69-б од Законот за полиција, при што се уредува начинот на кој претходно наведените евиденции се структуираат и се водат.

Понатаму, со членот 4 се врши изменување на членот 73 од законот при што се определуваат случаите во кои се бришат податоците од евиденциите од членот 69 од Законот за полиција, а со членот 5 се уредуваат роковите на чување на податоците во евиденциите од членот 69-б ставови 13, 14 и 15.

Членот 6 од предложениот закон предвидува донесување на нов подзаконски пропис од страна на министерот за внатрешни работи кој се однесува на начинот на бришење на податоците во евиденциите.

Во преодните одредби од предложените изменувања и дополнувања на Законот за полиција е уредено дека директорот именуван до денот на влегувањето во сила на овој закон ќе ја врши функцијата до истекот на мандатот за кој е именуван, во согласност со одредбите од Законот за полиција, а покрај наведеното се предвидува и рок за донесување на предвидениот подзаконски акт, односно  усогласување на подзаконскиот акт со кој се уредува содржината и начинот на водење на евиденциите на полиција и формата и содржината на образецот на евиденциите на полицијата, со одредбите од предложениот закон.

Предложените изменувања и дополнување на предметниот закон ќе влезат во сила осмиот ден од денот на нивно објавување во Службен весник на Република Северна Македонија“, се вели во законското образложение.

Прифатени измените на законите за полицијата и за МВР според препораките на ГРЕКО

Законите за полиција и за внатрешни работи ќе се усогласуваат со препораките на ГРЕКО

ГРЕКО: Неприфатливо е Кодексот на однесување да е во рацете на заменик-премиер

Извештајот на ГРЕКО преведен и објавен на македонски јазик

М.В