Измените на Законот за работните односи пред собраниските комисии
Предложените измени на Законот за работните односи со кои се предвидува прекинот на договорот за вработување да биде кога работникот ќе наполни 64 години се на дневен ред на собраниската Комисија за труд и на Законодавно-правната комисија.
Измените кои се предложени од група пратеници се однесуваат на членот 104 и се во врска со прекинувањето на договорот за вработување.
„Договорот за вработување работодавачот го прекинува кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, доколку со друг закон поинаку не е уредено“, се предлага во законското решение.
„Со Законот за работните односи се уредуваат работните односи меѓу работниците и работодавачите кои се воспоставуваат со склучување на договор за вработување.
Во членот 104 од Законот за работните односи се уредува прекинот на договорот за работа поради возраст на работникот, при што со постојната одредба на членот се предвидува дека работодавачот го прекинува договорот за вработување со наполнување на 64 години возраст и 15 години пензиски стаж на работникот. Покрај тоа, со истиот член утврдена е постапката за продолжување на договорот за вработување со давање на писмена изјава од страна на работникот и обврската за продолжување на договорот за вработување до 67 години на работникот, без оглед на тоа дали работодавачот има потреба од работникот или не.
Со досегашното законско решение се утврди дека е нарушен принципот на двостраност во уредувањето на работниот однос и поради тоа неопходна е потребата од изменување и дополнување на Законот за работните односи, како општ пропис од работните односи, со одредби со кои прецизно ќе се дефинира условот за престанок на договорот за работа поради возраст на работникот, без можност за продолжување на договорот и исклучок кога ова право може да се регулира согласно друг закон.
Предлогот на Законот за работните односи се заснова на истите начела на кои се заснова основниот текст на законот и со истиот ќе се отстрани досегашниот нарушен принцип на двостраност на уредувањето на работниот однос преку прецизна законска формулација со која се овозможува прекин на договорот за вработување кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж и исклучок кога тоа е уредено поинаку со друг закон“, се вели во законското образложение.
М.В