/ Прочитано:

12.684

ИЗМЕНИТЕ НА ЗАКОНОТ ЗА СУДОВИТЕ: Се бришат условите „најмалку осум просек“ за избор на судија и „високо образование“ за судија поротник

Министерството за правда ги објави предложените измени на Законот за судови. Во предложените измени на Законот за судовите се доуредуваат одредбите за начинот на распределба на предметите во судот преку автоматизираниот компјутерски систем за управување со предметите.

Се предвидува поголема специјализација на судиите и се овозможува формирање и на оддели за стопанска област одвоени од граѓанските оддели во судовите во кои постои потреба за тоа.

Исто така, се прецизира надлежноста на Врховниот суд на Република Македонија, кој формира Совет за одлучување по жалби против одлуките на Судскиот совет на Република Македонија, и воедно се предвидува обврска за  Врховниот суд на Република Македонија задолжително да ги објавува на својата веб-страница утврдените начелни ставови и правни мислења по прашања од значење за обезбедување на единство во примената на законите од страна на судовите.

Со законските измени се менуваат условите за судија поротник. Досегашното решение, се вели во законското образложение, со кое се бараше високо образование за судија поротник и полагање дополнителни испити, се покажа  како неефикасно и доведе до недостиг од судии поротници во сите судови во државата. Поради наведеното се врши редефинирање на условите за судија поротник, но се задржува обврската за нивна стручна обука во рамките на Академијата за судии и јавни обвинители.

Со членот 8 се интервенира во општите услови за избор на судија. Едновремено, а по забелешка од меѓународната заедница, како услов за избор на судија се бара потврда дека на лицето не му е изречена забрана за вршење на каква било правна професија за кривично дело поврзано со злоупотреба на судиската функција додека траат правните последици на осудата.

Воедно, се брише условот „најмалку осум просек“ бидејќи, како што се посочува во законското образложение, се оцени дека системот на дисперзирани студии покажа неизедначен систем на вреднување на знаењето и не дава реална оцена за успешноста на кандидатите.

Во измените се предлага да се задржи активното познавање на еден од најчесто користените јазици на Европската Унија како критериум за влез во основното судство.

Со законските измени се врши и усогласување со измените и дополнувањата во Законот за Судски совет во однос на начинот на оценување на судиите и допрецизирање на одредбата за содржината на Програмата за работа што треба да ја достави кандидатот за претседател на суд до Судскиот совет на Република Македонија.

Со законските измени се внесува забрана судијата да ги користи својата функција и угледот на судот за остварување на приватни интереси и се зајакнува правото на странката за поднесување на претставка до претседателот на судот поради недолично или непримерно однесување на судија или судски службеник во службените односи со странките, а кои се спротивни на етичкиот кодекс и да добие одговор на претставката.

„Секој има право да поднесе писмена или усна претставка до претседателот на судот  поради недолично или непримерно однесување на судијата или судски службеник во  службените односи со странките кои се спротивни на етичкиот кодекс и да добие одговор на претставката“, се вели во законските измени.

Исто така, во законските измени се редефинираат основите за потешка дисциплинска повреда поради која се поведува постапка за утврдување на одговорност на судија како основа за разрешување и дисциплинска повреда за која се поведува постапка за утврдување одговорност на судија за која може да се изрече дисциплинска мерка.

Со измените се зголемува опфатот на дисциплински мерки, односно се предвидува воведување на дополнителни часови стручна обука во Академијата за судии и јавни обвинители за судии за кои Судскиот совет во постапка за утврдување на одговорност ќе оцени дека им е потребно дополнително стручно едуцирање.

Воедно, се предвидува ограничување за судијата кому му е изречена дисциплинска мерка упатување на стручна обука или намалување на плата во висина од 15 % до 30 % од месечната плата да не може да биде избран во повисок суд, за член на Судскиот совет или за директор на Академијата за судии и јавни обвинители за времето додека трае мерката.

Со законските измени се врши допрецизирање на основот кој се однесува на  влијание врз судијата во однос на начинот на водење на постапката и одлучување по одделни предмети, а  во врска со принципот за независност на судијата во одлучувањето.

Понатаму се додава нов основ за разрешување, а поради повреда на одредбите за измена на Годишниот распоред за работа на судиите и неприменување на одредбите во врска со управувањето и распределбата на судските предмети.

Со законските измени се зајакнати и одредбите што се однесуваат на надзорната функција на Министерството за правда во однос на неговата надлежност да врши надзор над примената на одредбите од Судскиот деловник. Се предлага формирање на постојана комисија која надзорот над функционалноста на АКМИС-системот ќе ја врши во согласност со годишен план. Се врши прецизирање на одредбата која се однесува на центарот за информатичка технологија во Врховниот суд на Република Македонија и се предвидува задолжително стручно едуцирање на судските информатичари.

Се подготвуваат нови измени на Законот за судовите

M.В