/ Прочитано:

3.302

Измените на Законот за судовите, со кои се брише условот „најмалку осум просек“ за избор на судија, во собраниска процедура

Основната цел на предлагањето на овој закон, се вели во законското образложение, е усогласување со забелешките дадени од страна на Венецијанската комисија за законите за дисциплинска одговорност и евалуација на судиите од декември 2015 година, со кои се бара да се зајакне квалитативниот критериум во оценувањето на судиите, да се отстрани двојноста на основите за разрешување на судиите, премногу долга листа на околности кои можат да доведат до дисциплинско казнување, недвосмислено утврдување на „вина“ на судијата како основ  за утврдување на одговорност.

„Во текстот на Предлог-законот се зајакнати и одредбите кои се однесуваат на надзорната функција на Министерството за правда во однос на неговата надлежност да врши надзор над примената на одредбите од Судскиот деловник, а во согласност со препораките од групата искусни експерти за системските прашања за владеење на правото поврзани со следењето на комуникациите откриени во пролетта 2015 година. Од наведените причини се оцени дека е неопходно да се пристапи кон  измена на одредбите од овој закон“, се посочува во образложението на законските измени во кои, меѓу другото, се брише условот „најмалку осум просек“ за избор на судија.

Во образложението се вели дека условот од „најмалку осум просек“ се брише бидејќи се оцени дека системот на дисперзирани студии покажа невоедначен систем на вреднување на знаењето и истиот недава реална оцена за успешноста на кандидатите.
Воедно,  во Предлог-законот чиј предлагач е Владата, се предлага активното познавање на еден од најчесто користените јазици на Европската Унија да се задржи како критериум за влез во основното судство.

Содржината на предложените законски измени >>> ИЗМЕНИ НА ЗАКОНОТ ЗА СУДОВИТЕ: Се бришат условите „најмалку осум просек“ за избор на судија и „високо образование“ за судија поротник

M.В