/ Прочитано:

3.291

Измените на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност во собраниска процедура

Владата на РМ во Собранието ги предложи измените на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност. Целта на Предлог-законот за изменување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност е, меѓу другото, Законот да го регулира функционирањето на Агенцијата за вработување на Република Македонија, а приватните агенции за посредување за вработување во земјата и странство со наплата да бидат уредени со друг, посебен закон.

„Во 2012 година Република Македонија ја ратификуваше Конвенцијата за приватните агенции за вработување, 1997 (С 181) на Меѓународната организација на трудот и истата стана дел од внатрешниот правен систем на државата.

Во Конвенцијата на едно место е уредено функционирањето на агенциите за привремени вработувања и агенциите за посредување за вработување во земјата и странство со наплата.

Од погоре наведените причини и следејќи го примерот на споменатиот трудов стандард,  се пристапи кон донесување на нов Закон за приватните агенции за вработување, во кој детално се регулира и посредувањето за вработување од страна на приватните агенции.

Ваквата состојба ја наметна потребата од изменување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност, во кој  престануваат да важат и се менуваат  одредбите кои се однесуваат на приватните агенции за вработување“, се вели во законското образложение.

Со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност се уредуваат прашањата во врска со размена на трудот, правата и обврските на работодавачите, невработените лица, други лица кои бараат работа и државата, во врска со вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност и други прашања од значење за вработувањето.

Во Законот е уредено и прашањето за агенциите за посредување за вработување во земјата и странство со наплата, кои посредувањето го вршат напоредно со Агенцијата за вработување на Република Македонија. Меѓутоа, уредувањето на материјата за агенциите за посредување за вработување во земјата и странство со наплата, кои се приватни агенции за вработување, е надвор од целта  на уредувањето на овој закон и не е во духот на вработување и осигурување во случај на невработеност.

M.В