/ Прочитано:

1.164

Измените на Законот за заштита на правата на пациентите во собраниска процедура

Владата во Собранието ги предложи новите измени на Законот за заштита на правата на пациентите.

Во постојниот закон,  се вели во законските измени, е содржана генерална антидискриминаторска одредба во која попреченоста и родовиот идентитет не се спомнуваат како можен основ за дискриминација, ниту пак е предвидено во законот учеството на претставниците на лицата со попреченост и жените жртви на насилство во комисиите за унапредување на правата на пациентите во општините.

Целта на измените и дополнувањата во Законот за заштита на правата на пациентите e: да се обезбеди и да се промовира целосно остварување на човековите права и основни слободи на сите лица без каква било дискриминација, вклучително и врз основа на попреченост и родовиот идентитет и пол, потоа забрана на дискриминација во обезбедувањето на правата на пациентите содржани во законот и унапредување и заштита на правата на пациентите со нивно активно вклучување во комисиите за унапредување на правата на пациентите во општините во државата.

Во Законот се уредува поимот „лице со попреченост“ и се вклучуваат  сите можни облици на дискриминација со цел заштита од појава на секаков облик на дискриминација при користење на здравствени услуги.

„Пациентот има право на остварување на правата утврдени со овој закон без дискриминација врз основа на раса, боја на кожа, потекло, национална или етничка припадност, пол, род, сексуална ориентација, родов идентитет, припадност на маргинализирана група, јазик, државјанство, социјално потекло, образование, религија или верско уверување, политичко уверување, друго уверување, попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба, лично својство и општествен статус или која било друга основа“, се пропишува во законските измени.

Исто така, се вели во законското образложение, со законските измени се вклучуваат претставници на здруженијата на лицата со попреченост и жените жртви на насилство во работата на комисиите за унапредување на правата на пациентите.

М.В