/ Прочитано:

2.220

Измените на законската регулатива за децата-возачи и за повозрасните возачи

Голем е бројот на деца кои што седнуваат зад управувачот уште пред да се стекнат со право за управување на моторно возило, односно на возраст од 15, 16 и 17 години. Причината за ова појава, велат од РСБСП,  може да се бара во желбата за докажување пред своите другари, но, во најголем број случаи, вина имаат и родителите кои им дозволуваат на своите деца да седнат зад управувачот, и покрај тоа што тие не се оспособени, ниту пак ги исполнуваат условите за управување на возило. Во многу случаи, детето управува моторно возило, а неговиот родител  седи на предното совозачко седиште и се восхитува на своето дете, без притоа да биде свесен дека прави голема грешка.

Измени на законската регулатива

Со измените на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата предвидени се промени во делот на условите за стекнување со право за оспособување за управување на моторно возило од „Б“ категорија за дете. Имено, во однос на возраста со која што дете може да се стекне со право за оспособување за управување со возило, предвидено е детето да има наполнето 17 години, а не со наполнети 16 години, како што досега предвидуваше Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата. Исто така, нема потреба детето-кандидат за возач да има одличен успех и примерно поведение во последната завршена учебна година, како што досега предвидуваше ЗБСП, ниту пак има потреба од писмена согласност од психологот и педагогот од училиштето во кое учи детето.

Покрај условот кој што се однесува за возраста на детето, потребно е да бидат исполнети и следните услови: детето треба да поседува лична карта, да е здравствено и психофизички способно да управува со моторно возило, да има завршено најмалку основно образование, и да има согласност од двајцата родители, законскиот застапник или старателот, заверена на нотар.

Оспособувањето за управување со моторно возило на дете се врши со зголемен број наставни часови од практичниот дел на наставната програма за 30% во однос на бројот на наставни часови од практичниот дел на наставната програма, предвидени за останатите кандидати за возачи.

Дете – возач

Дете кое поседува возачка дозвола од „Б“ категорија не смее да управува со возило во патниот сообраќај во времето од 20:00 до 05:00 часот, освен ако во возилото го придружува родител, односно старател кој седи на предното седиште, кој поседува возачка дозвола од „Б“ категорија и на кого не му е изрекувана прекршочна санкција забрана за управување со моторно возило.

Дете-возач не смее да управува со возило со брзина поголема од 60 km/h на јавен пат, односно со брзина поголема од 80 km/h на пат наменет исклучиво за сообраќај на моторни возила, ниту пак со брзина поголема од 100 km/h на автопат.

Во однос на силата на моторот на возилото кое што смее да го управува дете-возач, потребно е да се истакни дека јачината на моторот на возилото не смее да биде поголема од 77 kw.

Дете-возач не смее со возило да влече приклучно возило, ниту пак да управува со возило надвор од територијата на Република Македонија.

РСБСП апелира до сите учесници во сообраќајот кои спаѓаат во категоријата дете-возач да бидат максимално одговорни во сообраќајот и да ја почитуваат законската регулатива која се однесува на оваа категорија на возачи.

Измени во ЗБСП што се однесуваат за возачите кои имаат над 65 години

По повеќе од шест месеци собраниска и владина процедура, стапија на сила измените во Законот за безбедност во сообраќајот на патиштата што се однесуваат на повозрасните возачи. Измените предвидуваат возачката дозвола за лицата постари од 70 години да се издава со рок на важење до три години, наместо до 65 години како што тоа беше случај до сега.

Возраста на возачите претставува еден од факторите што значително влијаат врз безбедноста на сообраќајот. Генерално, постојат две најзастапени групи учесници – причинители на сообраќајни незгоди, а тоа се младите возачи на возраст до 24 години и возачите постари од 60 години. Ризикот за учество во сообраќајни незгоди кај овие возачи е повисок во однос на останатата популација возачи. Во младите години, како предуслов возачите да учествуваат во сообраќајна незгода, се наметнува недоволното искуство и обученост за справување со предизвиците во сообраќајот, а во постарите години, тоа се физиолошките и психолошките промени кај личноста.

Повозрасните возачи се соочуваат со опаѓање на психофизичките функции, а нивните психомоторни способности се на пониско ниво, со што доаѓа до зголемување на индивидуалните разлики. Поизразени промени во делот на функциите на целиот организам и перцептивно-моторните способности се јавуваат по 40 годишна возраст.

Промените на функциите кај повозрасната група возачи се прикажуваат преку слабеење на видот, посебно можноста за гледање во ноќни услови и во услови на заслепување. Реакциите кај овие возачи се побавни, а движењата помалку координирани. Краткотрајното паметење и обработката на информации се послаби, така што возачите на оваа возраст тешко можат да проценат сложена сообраќајна ситуација. Тешко се одлучуваат и не можат да го прилагодат маневрирањето при ненадејни и изненадни промени на сообраќајната ситуација бидејќи имаат проблем со времето во сите фази на прием, обработка и пренос на информациите.

Според научните согледувања, најголем број од незгодите што ги предизвикуваат возачите постари од 65 години, можат да се припишат на информационите пропусти. Со стареењето, процентот на незгоди што се случуваат поради информациони пропусти и погрешно донесени одлуки, значително се зголемува. Сериозен недостаток кај старите возачи претставува можноста за навремено забележување и одржување растојание.

Потребно е да се истакне дека возрасната група – постари возачи не претставува хомогена целина бидејќи меѓу нив постојат големи индивидуални разлики што се зголемуваат со текот на годините. Затоа, не е пожелно да се ограничуваат старосните граници во поглед на дозволата за возење, освен во случај кога непосредните фактори упатуваат на тоа. Во оваа насока, законодавецот во Р.Македонија за категоријата постари лица предвидува ограничувања што се однесуваат на важноста на возачката дозвола која им се издава на овие возачи. Имено, според новите измени и дополнувања на Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, во член 304 став 1 се предвидува возачката дозвола за лицата постари од 70 години да се издава со рок на важење до три години.

На лицата кои во време на издавањето на возачката дозвола имаат повеќе од 65 години, возачката дозвола им се издава со рок на важност до денот на навршувањето на 70 години возраст.

Возачката дозвола може да се издаде или нејзината важност може да се ограничи и на пократки рокови, а во зависност од наодот и мислењето на здравствената установа, содржани во уверението за здравствената и психофизичката способност на лицето.

M.В