Измените на ЗРО за прекинот на договорот за вработување пред Комисијата за труд и социјална политика
Измените на Законот за работните односи се пред Комисијата за труд и социјална политика. Измените се во фаза на второ читање.
„Во членот 104 од Законот за работните односи се уредува прекинот на договорот за работа поради возраст на работникот, при што со постојната одредба на членот се предвидува дека работодавачот го прекинува договорот за вработување со наполнување на 64 години возраст и 15 години пензиски стаж на работникот. Покрај тоа, со истиот член утврдена е постапката за продолжување на договорот за вработување со давање на писмена изјава од страна на работникот и обврската за продолжување на договорот за вработување до 67 години на работникот, без оглед на тоа дали работодавачот има потреба од работникот или не.
Со досегашното законско решение се утврди дека е нарушен принципот на двостраност во уредувањето на работниот однос и поради тоа неопходна е потребата од изменување и дополнување на Законот за работните односи, како општ пропис од работните односи, со одредби со кои прецизно ќе се дефинира условот за престанок на договорот за работа поради возраст на работникот, без можност за продолжување на договорот и исклучок кога ова право може да се регулира согласно друг закон.
Предлог-законот за работните односи се заснова на истите начела на кои се заснова основниот текст на законот и со истиот ќе се отстрани досегашниот нарушен принцип на двостраност на уредувањето на работниот однос преку прецизна законска формулација со која се овозможува прекин на договорот за вработување кога работникот ќе наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж и исклучок кога тоа е уредено поинаку со друг закон“, се вели во законското образложение.
Измените на Законот за работните односи пред собраниските комисии
М.В