4 јуни, 2013 12:27
paula
/ Прочитано:
Измените во Законот за енергетика родија нова професија – енергетски контролор
Вторник, 4 јуни 2013 – Измените на Законот за енергетска ефикасност носат нова професија – лиценцирани енергетски контроли, преку кои се отвора можност за нови работни места во идни компании што ќе се занимаваат со процесот на енергетски контроли. Покрај овие новини, законските измени треба да ги постават најзначајните предуслови за гасификацијата како и да ги подигне стандардите на енергетската ефикасност.
„Новините на Законот за енергетика можат да се поделат на две области, гасификација и енергетска ефикасност. Имено, во последно време се’ повеќе зборуваме за гасификацијата како еден од клучните енергетски инфраструктурни проекти. И на централно и на локално ниво гасификацијата е приоритет“, истакна министерот Ваљон Сараќини,
Со оваа измена на Законот за енергетика се создава законски основ да се донесат и применуваат техничките прописи за проектирање, изградба и одржување на гасоводни системи со цел усогласување и хармонизирање на техничката регулатива во рамките на проектот „Хармонизација на техничката регулатива во земјите од Југоисточна Европа“, во кој учествува и Република Македонија.
Министерството за економија со рамките на овој Закон предвидува и едукација и обуки на кадри кои во иднина ќе оперираат со гасоводните системи, што е еден од првите предуслови за поактивно ширење на гасификационата мрежа и тоа на стручен и безбеден начин.
„Ова за економијата значи поевтин енергенс и зголемување на конкурентноста, што е од клучно значење. Измените на Законот за енергетика дефинитивно ги поставуваат најважните предуслови за сериозно отпочнување на процесот на гасификација на едно пошироко ниво и нудат еден системски пристап на овој процес, а ќе генерираат и нови работни места“, рече министерот за економија. Имено, со измените и дополнувањата на Законот за енергетика се предвидува подигнување на стандардите за енергетска ефикасност преку носење на три подзаконски акти – Правилник за енергетски карактеристики на зградите, Правилник за енергетска контрола и Правилник за информациски систем за следење и управување на потрошувачката на енергија во јавните институции.
Правилникот за енергетски карактеристики на згради и Правилникот за енергетска контрола се веќе готови и со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика отпочнува постапка за нивно донесување. Правилникот за информациски систем треба да се донесе во рок од 9 месеци од денот на влегување во сила на измените на Законот. Изготвена е првична нацрт верзија на правилникот и тој се доработува со експертска поддршка од УНДП.
Според Сараќини, придобивките од донесувањето на овие правилници, а со тоа и од измените на Законот за енергетика се големи, бидејќи се воведуваат неколку новитети, како сертификат за енергетски карактеристики, лиценци за вршење на енергетска контрола и овластен енергетски контролор.
Преку овие мерки ќе се дефинираат условите и стандардите на зградите и јавните објекти, а зградите во зависност од степенот на енергетска ефикасност што ја нудат ќе бидат класифицирани и ќе добијат енергетски пасоши.
Проверка на имплементацијата на одредбите од овие правилници ќе вршат лиценцирани енергетски контролори, кои ќе поминат посебна обука. Токму овој сегмент ќе генерира нови вработувања, а обуката на идните енергетски контролори ќе ја врши Агенцијата за енергетика. Се очекува голем интерес за оваа професија, а набргу ќе бидат дефинирани и сите детали околу условите за пријавување и динамиката на обуките.