/ Прочитано:

4.941

Изрекувањето построги казни при постапките на семејно насилство може да придонесе за намалување на бројот на жртвите

Голем број невладини организации кои се фокусирани на решавање на проблемите со семејното насилство во Македонија, сметаат дека податоците за пријавените случаи на семејно насилство не ја прикажуваат реалната бројка на жени кои секојдневно се подложни на вистинска тортура од страна на нивните партнери. На многумина од жртвите им треба долг период за да го препознаат семејното насилство, а потоа и голема храброст за да го пријават. Сепак, експертите нагласуваат дека доколку жртва на семејно насилство поведе судска постапка, казните за насилниците треба да се многу повисоки, што според нив би придонело за намалување на бројот на жртвите.

„Дали се плашам од мојот сопруг, дали ми се заканува, дали е насилен и агресивен, дали ги следи сите мои постапки? На сите овие прашања одговорив потврдно, па сознанието дека живеам со насилник и со години трпам семејно насилство е поразително. Но, за жал, сѐ уште немам храброст да побарам стручна помош, да го пријавам насилството и конечно да го напуштам мојот сопруг“, вели скопјанката Д.М.

Оваа жена е една од многуте кои се соочуваат со проблемот на семејното насилство, но како што самата вели, нема каде да оди, не е финансиски самостојна, а дополнителна тешкотија ѝ претставува патријархалната средина во која живее. „Што ќе кажат другите, најблиските, соседите“, вели таа.

Токму затоа, голем број невладини организации кои се фокусирани на решавање на проблемите со семејното насилство во Македонија, сметаат дека податоците за пријавените случаи на семејно насилство не ја прикажуваат реалната бројка на жени кои секојдневно се подложни на вистинска тортура од страна на нивните партнери.

Според психолозите, семејното насилство е родово засновано насилство кое во согласност со дефиницијата усвоена во нашето законодавство подразбира психолошко, физичко, сексуално и економско насилство. „Доколку една жртва на семејно насилство не може да го препознае проблемот, доволно е да одговори на овие четири прашања, односно дали е вербално омаловажувана, дали физички е нападната, дали е присилувана на сексуален однос и дали нејзиниот партнер има целосна контрола врз финансиите и ако даде потврден одговор барем на едно од нив, тогаш треба да биде сигурна дека се соочува со семејно насилство“, вели Мариела Василева, психолог-терапевт.

Една жртва на семејно насилство, појаснува Василева, трпи физичко и психичко малтретирање со години, бидејќи живее во надеж дека таквата состојба кога-тогаш ќе престане. Тоа и е една од причините зошто голем дел од нив не го пријавуваат проблемот. Но, искуството покажува дека насилството, наместо да запре, од ден на ден добива сѐ поголем интензитет. Малтретирањето може да почне со развојот на врската, по стапувањето во брак, по раѓањето на првото дете или дури по неколку години заеднички живот. Насилниците што еднаш извршуваат насилство врз жртвите најчесто така и продолжуваат. Доколку нивното насилно однесување не предизвика за нив негативни последици, насилството, неговата зачестеност и интензитет ќе се засилуваат. Сведоштвата за овие случаи се потресни.

„Повеќе од 10 години живеев со својот партнер. Не бевме во брак, но живеевме заедно. Во почетокот не постоеја никакви знаци дека ќе биде агресивен, дека ќе му пречи секој мој збор, секоја моја постапка. Не ни знам со што го предизвикував, но бев и тепана и брутално вербално омаловажувана. Во надеж дека состојбата ќе се промени, останав во таа врска повеќе од 10 години. Од оваа дистанца сега, сметам дека семејното насилство може да се препознае веднаш и да се побара помош веднаш, а не да се чека годините на оној што е изложен на постојано малтретирање да му минуваат во вистински пекол.“

„По 16 години во брак со вистински насилник, собрав храброст да проговорам што се случуваше во нашиот дом. Семејното насилство го пријавив во повеќе невладини организации, а по нивните совети и по бесплатната правна помош што ја добив од тие луѓе, поведов и судска постапка за семејно насилство против мојот сопруг. Се надевам дека процесот ќе заврши бргу и дека конечно ќе имам свој мирен живот.“

Во анализата што неодамна ја објави Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените (ЕСЕ), „Прирачник за постапување на судовите во постапките за заштита од семејно насилство“, се наведува дека за судиите што одлучуваат во предмети поврзани со семејното насилство, од особено значење е да ја разберат динамиката на насилството, со цел соодветно согледување на неговите вистински димензии и одмерување на казната.

„Граѓанскоправниот и кривичноправниот систем на заштита претставуваат значаен механизам за заштита на жртвите на семејно насилство, при што од соодветната примена на законските одредби во практика зависат сигурноста и безбедноста на жртвата и третманот на овој проблем во нашето општество. Истовремено, се упатува јасна порака кон насилниците за недозволивоста на нивното однесување и можноста за санкционирање и изрекување на законски предвидените казни. Од друга страна, судиите можат активно да ги застапуваат интересите на жртвата и со тоа да повикаат на повисок степен на соработка и координација помеѓу другите институции вклучени во системот на заштита, како што се: обвинителството, полицијата, центрите за социјална работа и др.“, се наведува во прирачникот што го изработи ЕСЕ.

Авторите велат дека во постапките за изрекување на привремените мерки за заштита од семејно насилство, судот има значајна улога во однос на заштитата на жртвата од идно насилство и превенирање на насилното однесување на насилникот. Почитувањето на начелото на итност на постапката за изрекување на привремените мерки за заштита и земањето предвид на потребите и безбедноста на жртвата од страна на судиите се клучни при постапувањето во овие судски постапки. Во кривичните постапки поврзани со семејното насилство, судот има главна улога во повикувањето на кривична одговорност на сторителите на семејно насилство и применување на законски предвидените казни за нивното насилно однесување.

„Судиите при оценувањето на доказите и одлучувањето треба да земат предвид дека конкретниот настан поради кој е иницирана судската постапка не претставува изолиран инцидент кој треба да се цени исклучиво врз основа на приложените факти и докази во конкретниот случај. Она што е карактеристично за семејното насилство е неговото повторување, односно вршење насилство во континуитет во подолг временски период. Ваквиот пристап од страна на судиите ќе овозможи соодветно да се процени случајот, но и да се оцени степенот на ризик врз животот и здравјето на жртвата. При одлучувањето во случаите на семејно насилство не треба да се земат предвид каењето на насилникот и променетиот став на жртвата во текот на постапката.“

Затоа од особено значење за улогата на судот во овие постапки се напуштањето на досегашната практика на изрекување поблаги казни и користењето на одредбите од Кривичниот законик во однос на ублажувањето на казната. Со изрекувањето на условни или парични казни, судот ги занемарува последиците од претрпеното насилство врз жртвата и истовремено не му упатува порака на насилникот дека неговото однесување е недопустливо и неприфатливо. Од друга страна, пак, преку спроведување на предвидената политика за заштита на жртвите, вклучувајќи ја и казнената политика кон насилниците, судиите праќаат јасна порака до целата општествена јавност дека семејното насилство претставува сериозен општествен проблем и дека насилниците се повикуваат на одговорност.

А. Б.