/ Прочитано:

2.359

Извештај на граѓанската асоцијација „МОСТ“ за работата на Собранието

Според анализата на „МОСТ“, Собранието во текот на минатата година спровело вкупно 365 постапки за донесување на закони. Биле донесени 13 нови закони, 326 измени и дополнувања на постојни и 26 ратификации. Владата била предлагач на дури 93 отсто од донесените закони, а 70 отсто од законите се донесени по скратена постапка. Речиси половина од законите, односно 156 се донесени во февруари 2016 година, а 71 во март 2016 година. Според извештајот, во еден ден, односно на 23 февруари биле донесени 40 закони по скратена и 1 закон по итна постапка. Од 54 предвидени закони за усогласување со законодавството на Европската Унија, донесени се само 5.

Анализа на донесените закони, односно фреквенцијата на донесување и измена на законите за периодот од 1 јануари 2016 година до распуштањето на Собранието на 17 октомври 2016 година, податоци за работата на собраниските комисии во периодот од 1 јули 2016 година до 17 октомври 2016 година, како и податоци за придонесот на пратениците во работата на Собранието се содржани во првиот извештај на граѓанската асоцијација „МОСТ“ од мониторингот на работата на законодавниот дом.

Извршниот директор на „МОСТ“, Дарко Алексов, истакна дека Собранието мора да ја преземе уставната улога на највисоко законодавно тело и да биде контролор на извршната власт.

„Одговорноста, транспарентноста  и вклученоста на јавноста и засегнатите страни треба да бидат императив на новиот парламентарен состав“, потенцираше Алексов.

Презентирајќи го извештајот, тој нагласи дека набљудуваниот период Собранието спровело вкупно 365 постапки за донесување на закони. Биле донесени 13 нови закони, 326 измени и дополнувања на постојни и 26 ратификации. Владата била предлагач на дури 93 отсто од донесените закони, а 70 отсто од законите се донесени по скратена постапка.

„Речиси половина од законите, односно 156 се донесени во февруари 2016 година, а 71 во март 2016 година. Според извештајот, во еден ден, односно на 23 февруари биле донесени 40 закони по скратена и 1 закон по итна постапка. Од 54 предвидени закони за усогласување со законодавството на Европската Унија, донесени се само 5“, нагласи Алексов.

Што се однесува до работата на собраниските комисии, Алексов истакна дека таа била анализирана во периодот од 1 јули до 17 октомври во кој седници одржале 16 од 21 комисија и тоа преку три сегменти, односно транспарентност, квалитет на записници и вклученост на засегнати страни. 

„Транспарентноста на работата на комисиите е на ниско ниво, постои неунифицираност во начинот на водење и недоволен квалитет на записниците, како и на објавените извештаи и тие не овозможуваат целосен увид во работата на комисиите. Во однос на улогата на пратениците во предложувањето на законите, „МОСТ“ констатираше дека 48 закони биле предложени од вкупно 61 пратеник. Биле донесени 25 закони по предлог од вкупно 48 пратеници. Неприфатливи биле 17 закони од вкупно 36 пратеници, не бил донесен 1 закон предложен од 16 пратеници, а повлечени биле 5 закони предложени од 40 пратеници. Фактот што само 7 отсто од вкупниот број донесени закони се предложени од пратеници и тоа исклучиво од владејачкото мнозинство, укажува дека Собранието било подредено на извршната власт, односно Владата индиректно ја вршела законодавната функција“, рече Алексов.

Тој нагласи дека е констатиран и недостиг на суштинска и посветена заложба за вклученост на другите засегнати страни во дебатата при креирањето на законските решенија, како што се експертите, практичарите и граѓанското општество.

Амбасадорот на Велика Британија во земјава, Чарлс Гарет, рече дека ефикасноста на работата на Собранието придонесува за унапредување на демократијата и владеење на правото во Македонија.

„Парламентот е јадрото на демократијата во Македонија. Сегашните случувања во македонскиот Парламент прават противуслуга за развојот на демократијата. Тие го поткопуваат кредибилитетот на институцијата во Македонија и надвор. Се надеваме дека преку програмата што ја спроведува ‘МОСТ’, Парламентот ќе го зајакне својот однос со граѓаните, со граѓанскиот сектор и со бизнис заедницата“,  рече Гарет во обраќањето при презентацијата на извештајот од мониторингот на работата на Собранието, кој е во рамки на проектот „Вклучени граѓани за одговорно и транспарентно Собрание“.

Овој проект ќе се спроведува до март 2018 година и предвидува објавување на периодични извештаи за индексот на одговорност, транспарентност и продуктивност на Собранието.

А. Б.