/ Прочитано:

1.590

Извештај на НБРМ: Раст на побарувачката на кредити од корпоративниот сектор и намален интерес за кредити од секторот домаќинства

Кредитната активност на банкарскиот сектор оствари раст во текот на вториот квартал од годината, при што поголем придонес кон растот на активноста на кредитниот пазар имаше секторот домаќинства. Сепак, во текот на второто тримесечје, кредитирањето на корпоративниот сектор беше, исто така, солидно и имаше висок придонес кон кварталната промена на активноста на кредитниот пазар. На годишна основа, кредитниот раст на крајот на вториот квартал достигна 6,3% и ги надмина очекувањата од априлската проекција (4,1%), се нотира во Кварталниот извештај на Народната банка на РМ кој е доставен во Собранието на РМ.

Остварувањата на кредитниот пазар во вториот квартал од годината главно се во согласност со резултатите од Анкетата за кредитната активност. Имено, од аспект на побарувачката, резултатите од Анкетата упатуваат на натамошен раст на побарувачката на кредити од корпоративниот сектор, при истовремено намален интерес за кредити од секторот домаќинства.

Во однос на понудата, Анкетата покажува натамошно умерено олеснување на кредитните услови, при што зголемената конкуренција во банкарскиот сектор, како и здравата солвентна и ликвидносна позиција на банките и понатаму се фактори коишто имаат поволно влијание врз условите на кредитирање.

Исто така, како фактор за натамошно олеснување на кредитните услови во овој квартал се посочуваат и очекувањата за поповолни придвижувања на економската активност во второто тримесечје.

Во однос на изворите на финансирање, во вториот квартал беше забележан забрзан раст и на депозитната база, со што годишниот раст на вкупните депозити кон крајот на јуни достигна 10,5%, што е исто така над проекцијата (од 7,4%). Забрзувањето на растот кај депозитите во вториот квартал произлегува од депозитите на претпријатијата, со натамошен позитивен придонес на депозитите на домаќинствата.

Се очекува дека позитивните трендови кај депозитната база на банките ќе продолжат и во следниот период, обезбедувајќи стабилни извори за финансирање на кредитниот раст, кој според априлската проекција во следните две години би се движел помеѓу 6,5% и 7,7%.

Сѐ на сѐ, и покрај тоа што последните макроекономски показатели и оцени во одредени сегменти упатуваат на извесни отстапувања во однос на проектираната динамика, тие засега не предизвикуваат поголеми промени во согледувањата за амбиентот во кој се спроведува монетарната политика. Се очекува дека домашната економија и натаму ќе биде поддржана од кредитната активност на банките, во отсуство на инфлациски притисоци и задржување поволна надворешна позиција, која ќе овозможи oдржување на девизните резерви во сигурната зона. Надолни ризици за остварување на проектираниот економски раст постојат, а идните остварувања во овој сегмент во голем дел ќе зависат од натамошната динамика на активноста на поголемите инфраструктурни проекти.

М.В