/ Прочитано:

1.792

Извештај на Стејт департментот за трговијата со луѓе: Македонија целосно не ги исполнува минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе

Во извештајот на Стејт департментот се вели дека Македонија е земја извор, транзит и дестинација за трговијата на мажи, жени и деца за сексуална експлоатација и принудна работа. Главните забелешки се однесуваат на тоа дека значително е помал бројот на обвинети и осудени шверцери со луѓе, дека не се доделуваат финансиски средства во вид на грантови на цивилниот сектор кој спроведува програми и проекти за борба со трговијата со луѓе.

Годинешниот извештај на Стејт департментот за трговијата со луѓе оценува дека Македонија целосно не ги исполнува минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе, но дека прави значителни напори да го постигне тоа. Во извештајот се наведува дека Владата покажала засилени напори во оваа област, за разлика од претходните години, но дека сепак Македонија останува во второто ниво на држави.

Трговијата со луѓе е најлошо прекршување на човековите права што носи огромни финансиски средства за организираниот криминал и терористите, оценува Стејт департментот.

„Во споредба со периодот од претходниот извештај, Владата демонстрирала зголемени напори поради што останува на второто ниво“, е наведено во извештајот на Стејт департментот, во кој е потенцирано дека властите направиле чекор со подготвување и со усвојување на национална стратегија, национален акциски план, назначувајќи национален известувач и национален координатор за трговија со луѓе.

Во овој извештај се вели дека Македонија е земја извор, транзит и дестинација за трговијата на мажи, жени и деца за сексуална експлоатација и принудна работа, поради што земјата добива оценка ТИЕР2, за разлика од 2011 до 2015 година кога имаше оценка ТИЕР1.

Во извештајот се наведува дека иако македонските власти во текот на изминатата 2016 година презеле повеќе мерки за превенција на трговијата со луѓе, сепак, како што е потенцирано, тоа не е доволно за успешна борба против ваков вид криминал.

Главните забелешки се однесуваат на тоа дека значително е помал бројот на обвинети и осудени шверцери со луѓе, дека не се доделуваат финансиски средства во вид на грантови на цивилниот сектор кој спроведува програми и проекти за борба со трговијата со луѓе, како и тоа дека е прекината соработката, односно партнерството со невладините организации што обезбедуваат поддршка на владините згрижувачки центри.

Жртвите на трговијата со луѓе најчесто се од балканските и источноевропските држави кои се принудени на експлоатација во ноќните барови и ресторани во Македонија. Особено загрижува проблемот со деца Роми кои се принудени да питачат. Шверцерите со луѓе често ги поткупуваат полицијата и инспекторите за труд. Имало истраги и казни за полицајци кои биле соучесници во трговијата со луѓе“, се наведува во извештајот.

Стејт департментот апелира до властите во Македонија да спроведе детална истрага и кривично да ги гони шверцерите и нивните соучесници. Покрај тоа, Стејт департментот препорачува воведување построги казни, со цел намалување на трговијата со луѓе.

„Да се спроведат напредни обуки за судиите, обвинителите и за полицијата за истраги и за кривични постапки за трговија со луѓе, да се одвојат зголемени средства за заштита на жртвите, да се обучат полицајците, инспекторите за труд, дипломатскиот персонал и други државни службеници за проактивна идентификација на жртвите, особено меѓу децата питачи, нелегалните мигранти, бегалците и барателите на азил“, порачува Стејт департментот во Извештајот за трговија со луѓе за 2016 година.

Инаку, американскиот државен секретар Рекс Тилерсон изјави дека во светски рамки се проценува дека има повеќе од 20 милиони жртви на трговија со луѓе.

„Јасно е дека ни претстои уште многу работа и владите во светот имаат уште многу работа“, изјави американскиот државен секретар Рекс Тилерсон.

Според овој извештај, Кина е еден од најголемите светски прекршители кога станува збор за трговијата со луѓе и принудната работа. Оваа земја е во редот со Иран, Северна Кореја и Сирија, кои Вашингтон остро ги критикува веќе подолг временски период. Во согласност со оценката на Стејт департментот, Кина е на најниското трето ниво, бидејќи, како што е наведено, земјата не ги исполнува минималните стандарди за елиминација на трговијата со луѓе и не прави значителни напори во тој правец.

Во извештајот се вели дека локалните власти во Ксинџијанг ги принудуваат мажите и жените Ујгурци на принудна работа. Воедно, властите насилно ги враќаат лицата од Северна Кореја без да ја проверат можноста дали станува збор за трговија со луѓе. Спроведувањето на Законот за борба против трговијата со луѓе не се спроведува доследно и кинеските мажи, жени и деца се присилени да работат во фабрики за тули, рудници за јаглен и фабрики со мал надзор.

При презентацијата на извештајот, државниот секретар на САД, Тилерсон, изјави:

„Најтрагично е што во трговијата со луѓе, најпогодени се најранливите групи. Малите деца, момчињата и девојчиња, кои се одвојуваат од своите семејства. Тие честопати се експлоатирани, принудени на проституција или сексуално ропство. Извештајот за трговија со луѓе на Стејт департментот од 2017 година открива мрежи на трговија со луѓе и ги смета извршителите и нивните соучесници за  одговорни. Фокус на годинешниов извештај е владината одговорност според Протоколот од Палермо, за криминализирање на трговијата со луѓе во сите форми и за гонење на прекршителите. Ние ги повикуваме 17-те земји кои не се дел од меѓународниот протокол за спречување, сузбивање и казнување на трговијата со луѓе да ја преиспитаат својата позиција и да им се придружат на другите земји што ја дале таа обврска“.

А. Б.