/ Прочитано:

3.146

Извештај на УНЕСКО за состојбата во заштитениот Охридски Регион

„Мисијата на УНЕСКО изразува загриженост од зголемување на сообраќајот и туризмот, како и од другите слични несоодветни инфраструктурни проекти, вклучувајќи го предложениот проект за развој на ски-центар ‘Галичица’ и други поединечни и некоординирани проекти за урбан развој. Сето ова може да ги влоши клучните атрибути на природните и културните вредности од природното и културното наследство, како што е целокупната форма на монументалниот урбан ентитет и биодиверзитетот во езерските води, доколку не се преземат итни мерки“, се наведува во извештајот на УНЕСКО.

По последната посета на Охридскиот Регион од страна на експертски тим на Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (УНЕСКО), која беше реализирана во април, изготвен е и извештајот за состојбата којашто тие ја оценуваат како сè полоша. Сметаат дека е можна сериозна деградација на овој заштитен екосистем, пред сè, поради предвидените и според нив, несоодветни инфраструктурни проекти.

УНЕСКО во својот извештај наведува дека македонските власти мора да обрнат внимание на можностите за развивање на еко-туризмот, додека постојните проекти, како што се изградба на ски-центар на планината Галичица, односно во Националниот парк „Галичица“ и експресниот пат кој е планиран да поминува низ таа територија, веднаш да бидат стопирани.

„Мисијата изразува загриженост од зголемување на сообраќајот и туризмот, како и од другите слични несоодветни инфраструктурни проекти, вклучувајќи го предложениот проект за развој на ски-центар ‘Галичица’ и други поединечни и некоординирани проекти за урбан развој. Сето ова може да ги влоши клучните атрибути на природните и културните вредности од природното и културното наследство, како што е целокупната форма на монументалниот урбан ентитет и биодиверзитетот во езерските води, доколку не се преземат итни мерки. Покрај тоа, несоодветниот третман на отпадните води и цврстиот отпад може да предизвикаат еутрофикација и загадување, намалувајќи го олиготрофниот квалитет на водата во езерото, од што зависи нејзината извонредна биолошка разновидност. Мисијата, исто така, го разгледа и железничкиот градежен проект кој го поврзува Кичево со албанската граница, а кој веќе е во својата последна фаза. Генералниот заклучок е дека ова може да биде прифатливо доколку препораките на мисијата бидат спроведени во целост“, се наведува во извештајот на УНЕСКО, нагласувајќи притоа дека организацијата бара од македонските власти веднаш да ги запрат ваквите активности.

Македонија има две години да ги исполни обврските кои УНЕСКО ги наведува во извештајот. Доколку до 2019 година не е постапено во согласност со барањата на УНЕСКО, Охрид би можел дефинитивно да биде ставен на листата на „Светско наследство во опасност“.

Инаку, повеќе еколошки граѓански здруженија сметаат дека новата Влада и новиот парламентарен состав треба да преземат итни мерки за запирање на проектите кои би можеле да направат сериозна деградација на ова заштитено природно наследство, а потоа да се насочат кон целосно спроведување на Законот за управување со Охридскиот Регион и изготвување и спроведување на Планот за управување со регионот, кој го налага овој закон.

Истовремено УНЕСКО предупредува дека под влијание на несоодветни човечки активности стотина природни добра се пред исчезнување. Најновите истражувања откриваат дека кај 63 проценти природни добра се забележува негативно човечко влијание, а дека дури 91 процент од анализираните подрачја се соочуваат со драстично губење на шумите. Според резултатите на студијата на „Нешенл џиографик“ која ги испитувала и анализирала човечкото влијание и губењето на шумите, а која е објавена во списанието „Биолоџикал конзервејшн“, повеќе од 100 природни богатства кои се под заштита на УНЕСКО се сериозно оштетени и тоа поради човечкиот фактор.

Природните добра под заштита на УНЕСКО вклучуваат 229 наоѓалишта во светот и се сметаат за неверојатни универзални вредности кои ги надминуваат националните граници.

Меѓутоа, кај 63 проценти анализирани наоѓалишта се забележуваат зголемен човечки притисок и влијание кои се гледаат во изградбата на патишта, агрикултурата и инфраструктурата.

„Светот никогаш не би дозволил Акропол да биде уништен или некоја пирамида да се замени со патишта и куќи, па сепак на планетата дозволуваме нашите природни наследства да бидат целосно изменети” – вели авторот на студијата Џејмс Вотсон од Здружението за зачувување на дивината при Универзитетот  Квинсленд во Австралија.

Еден од авторите на студијата, Џејмс Алан, од Универзитетот Квинсленд истакнува дека е време луѓето да направат многу повеќе за заштита на природното наследство, а неговото зачувување да го сфатиме сериозно.

А. Б.