Извештај за детското престапништво: Судовите не ја применуваат мерката упатување во Центар за деца
Годишниот извештај за работата на Државниот совет за превенција на детско престапништво и за состојбите во областа на правата на детето и детското престапништво во 2018 година е пред пратениците.
Годишниот извештај на ДСПДП дава преглед на состојбата со правата на децата и детското престапништво во Република Македонија во 2018 година, постигнатиот напредок во однос на препораките од претходниот извештај, клучните предизвици и насоки за нивно надминување. Во извештајот се содржани податоци за остварување на правата на децата, нивната заштита и реализираните превентивни мерки од страна на институциите.
Извештајот, исто така, дава осврт на работата на Советот во изминатата година и предлага решенија кои ќе ја подобрат неговата работа.
„Во тековната година, ДСПДП ги следеше и документираше состојбите врз основа на 32 стандардни индикатори, развиени според меѓународни стандарди, земајќи ги предвид националните приоритети и специфичности. Врз основа на добиените и анализирани податоци доставени од 78 институции согласно индикаторите, во 2018 година може да се изведат определени согледувања.
Процентот на децата во ризик во оваа година во однос на претходната е зголемен за 17%, a се бележи намалување од 21,5% на пријавени деца во судир со законот на популација од 100.000 деца. Во Центрите за социјална работа, ЈО и основните судови со проширена надлежност во 2018 година зголемен е бројот на евидентирани деца жртви, додека во МВР не отстапува бројот на деца жртви споредбено со 2017 година. Се забележува одредено отстапување во податоците добиени од надлежните институции кое е резултат на различно толкување на дефиницијата за дете жртва на кривично дело во Законот за правда за децата и неунифицирано постапување со децата жртви. Се бележи намалување на бројот на деца што биле повикани во полициска станица во својство на пријавени. Процент на женски деца кои биле повикани во полициска станица бил највисок во својство на оштетени (33%), а најнизок во својство на пријавени (10%). Разговорот со повиканите деца во полициска станица во кои има посебно опремени простории за разговор со деца (вкупно 8), не секогаш се обавува во тие простории.
Во однос на примената на мерки на помош и заштита се бележи намалување за 30 процентни поени во однос на вкупниот број на деца спрема кои биле применети, но затоа е во благ пораст бројот на мерки што биле применети по дете. Во последните три години постои тренд на намалување на примена на постапка за посредување во Центрите за социјална работа“, се вели во извештајот.
ДС констатира дека во најголем број случаи се применуваат мерки/санкции кои не вклучуваат лишување од слобода на децата, што кореспондира со Законот за правда за деца.
„Судовите воопшто не ја применуваат дисциплинската мерка – Упатување во Центар за деца, со што продолжува трендот присутен и во 2016 и 2017 година. Мерките засилен надзор бележат надолен тренд во однос на 2017 година, а воедно се забележува и значително намалување на изречените заводски воспитни мерки. Казна затвор за деца била изречена спрема 4 (четири) деца, сите од машки пол.
Во 2018 година се бележи благ пораст во однос на бројот на донесени решенија спрема деца кои се условно отпуштени од издржување на казна затвор за деца споредено со 2017 година, кога не е донесено ниту едно решение. Нема промена во однос на податоците за донесени решенија за отповикување на условен отпуст, бидејќи и во двете години не е донесено ниту едно решение.
Се бележи тренд на зголемување на изречени алтернативни мерки во 2018 година, во однос на 2017 година, кога не е изречена ниту една алтернативна мерка.
Судовите и јавните обвинителства во незначителна мерка или воопшто не ги користат формите на ресторативна правда: медијација, примена на мерки на одвраќање и постапка за признавање на одговорноста и спогодување за висината на казната во постапките спрема деца како законска предвидена можност. Охрабрува што во 2018 година се бележи зголемена примена на мерките на одвраќање во јавните обвинителства.
Се бележи намалување за 4% на примената на постапките за посредување при сторен прекршок, а продолжил зголемен тренд на изречени прекршочни санкции, што во споредба со податоците во однос на постапката на посредување укажуваат на практика децата да не се упатуваат на постапка за посредување туку да се поведува прекршочна постапка, со што недоволно се користат можностите што ги нуди ЗПД.
Бројот на задржани деца во полициска станица во 2018 година бележи зголемување за 10% во однос на 2017 година, а едновремено загрижува податокот дека само 36% од децата оствариле право на бранител.
Не се бележи зголемен тренд во однос на определување на мерката притвор.
Се бележи дека во 2018 година само во судот во Кочани се донесени 4 (четири) решенија за обештетување. Во другите судови вакви решенија не се донесени.
И во 2018 година новиот објект на ВПД – Тетово не е ставен во функција и истото доведува до неисполнување на заштитата на децата согласно меѓународните стандарди“, се додава во извештајот.
Клучниот предизвик идентификуван во изминатата година е неисполнувањето на законската обврска за формирање општински совети за превенција на детско престапништво. Од вкупно 84 општини, само 18 имаат општински совети, но најголем дел од нив не спровеле ниту една активност.
„Во оваа насока, ДСПДП предлага низа мерки за институционализирање на општинските совети за превенција на детско престапништво, подготовка и спроведување на превентивни активности, како и примена на медијацијата, алтернативните мерки и мерките на одвраќање како можност за вонсудско решавање на постапките за деца.
Клучен предизвик се и условите за работа на ДСПДП, особено нефункционирањето на административно-техничката поддршка од страна на Министерството за правда, ДСПДП нема просторија за работа, техничка опрема, секретар за вршење на административните работи, архива, возило и сл. Во таа насока ДСПДП предлага мерки за надминување на предизвиците преку редовни состаноци со институциите кои се директно надлежни за решавање на овие проблеми“, се истакнува во извештајот.
М.В