Извештај за движењата на осигурителниот пазар
Годишниот извештај за состојбата и движењата на осигурителниот пазар во Република Македонија во 2017 година е поднесен во Собранието на Република Македонија. Според извештајот на Агенцијата за супервизија на осигурување , на крајот на 2017 година на пазарот на осигурување во Република Македонија активно работат 16 друштва за осигурување, од кои 11 друштва вршат работи на неживотно осигурување, додека 5 друштва вршат осигурување на живот.
Во текот на анализираниот период дадена е дозвола за работа на 3 осигурително-брокерски друштва, со што вкупниот број изнесува 36 осигурително-брокерски друштва кои вршеа работи на посредување во осигурување, а одземени се 3 дозволи за вршење на работи за застапување во осигурување, со што вкупниот број на друштвата за застапување во осигурување изнесува 11.
Бројот на банки остана непроменет, односно во текот на 2017 година работи на застапување во осигурување вршат 3 банки.
Во 2017 година е остварена бруто-полисирана премија во вкупен износ од 8,99 милијарди денари, што претставува раст од 3,10% во однос на БПП остварена во 2016 година (2016: 8,72 милијарди денари).
Во делот за неживотно осигурување е остварена БПП во износ од 7,55 милијарди денари (2016: 7,43 милијарди денари), односно раст од 1,56% во споредба со 2016 година.
Кај осигурувањето на живот e остварена БПП во износ од 1,44 милијарди денари (2016: 1,29 милијарди денари), што претставува раст од 11,95% во однос на 2016 година.
Осигурувањето на живот учествува со 16,08% во вкупната БПП на осигурителниот сектор во 2017 година, што претставува зголемување во однос на претходната година (2016: 14,81%).
Друштвата за осигурување на 31.12.2017 година располагаат со средства во износ од 20,03 милијарди денари, со што остваруваат пораст од 8,39% во однос на минатата година (2016: 18,48 милијарди денари).
Вкупниот пресметан капитал на друштвата за осигурување забележува раст од 6,84% во споредба со 2016 година, односно на крајот на 2017 година изнесува 5,93 милијарди денари. Маргината на солвентност, пак, како главен индикатор за процена на стабилноста на осигурителниот сектор, изнесува 1,39 милијарди денари, со што капиталот на осигурителниот сектор е 4,3 пати над нивото на маргината на солвентност.
Во текот на 2017 година, осигурителниот сектор оствари добивка по оданочување во износ од 397,34 милиони денари. Притоа, во делот на неживотно осигурување беше прикажана добивка од 315,56 милиони денари, додека пак кај осигурувањето на живот добивката изнесува 81,78 милиони денари.
Во текот на 2017 година немаше промени ниту кај основната, ниту кај пошироката законска регулатива од доменот на осигурувањето. Во доменот на подзаконската регулатива, донесени се три нови подзаконски акти и десет подзаконски акти кои уредуваат измени и дополнувања на претходно донесени подзаконски акти.
M.В