Извештај за работата на јавните обвинителства во Република Македонија во 2015 година
„Податоците од извештајот говорат дека јавните обвинителства, и покрај сите проблеми со кои се соочуваа во текот на 2015 година, успеа да го задржат континуитетот на совладување на приливот на кривични пријави. Па така и во оваа извештајна година се бележи успех од решени 66,8 % од вкупниот број на пријави“, стои во Извештајот.
Во Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2015 година се наведува дека буџетот наменет за јавните обвинителства не ги задоволува потребите, со што се доведува во прашање вршењето на функцијата на јавното обвинителство утврдена со Уставот и законите. Покрај тоа, на неколку места во Извештајот е потенциран кадровскиот проблем со кој се соочуваат сите обвинителства во Македонија, односно недостигот од јавни обвинители и јавнообвинителски стручни соработници.
„Податоците од извештајот говорат дека јавните обвинителства, и покрај сите проблеми со кои се соочуваа во текот на 2015 година, успеа да го задржат континуитетот на совладување на приливот на кривични пријави. Па така и во оваа извештајна година се бележи успех од решени 66,8 % од вкупниот број на пријави“, стои во Извештајот.
Во текот на 2015 година, основните јавни обвинителства постапувале по новопримени кривични пријави против вкупно 31 486 сторители на кривични дела, од кои 21 068 се полнолетни, 1 358 се деца и 9 060 се непознати сторители на кривични дела.
Од Извештајот се забележува дека најмногу работа имале обвинителствата на подрачјето на Вишото јавно обвинителство Скопје, односно 17 423 кривични пријави.
„Од вкупно поднесени кривични пријави против 21 068 полнолетни сторители на кривични дела, во 2015 година најголемо учество со поднесени пријави, против 14 360 лица или 69,5 % зазема Министерството за внатрешни работи, од граѓаните се поднесени кривични пријави против 2 646 лица или 12,25 %, од други државни органи 2 352 или 11,2 %, а учеството на останатите субјекти прикажано е во табелата“, се наведува во Извештајот.
Јавните обвинителства по сопствена иницијатива отвориле вкупно 499 предмети.
„Постепеното зголемувањето на бројот на постапки отворени по сопствена иницијатива на јавното обвинителство, покажува дека јавното обвинителство постојано ги следи дневните настани, објавите во печатените, електронските медиуми и др., и онаму каде што ќе оцени дека постојат основи на сомнение за сторено кривично дело, кое не е пријавено од надлежните институции, или пак од страна на граѓани, врз основа на своите овластувања дадени со закон, по сопствена иницијатива поведува постапки“, се наведува во Извештајот.
Основните јавни обвинителства во извештајната година врз основа на прибавените потребни податоци и известување во 13 370 случаи, преземени истражни дејствија против вкупно 9 794 лица, издадените наредби за вештачења во 1 959 случаи и доказите прибавени со испитување на обвинет и сведоци во 7.805 случаи, донеле јавнообвинителски одлуки против 22 323 лица или го решиле вкупниот обем на работа во 66,8 % од случаите.
Примена на мерката притвор
Мерката притвор во 2015 година е применета против 370 лица, што во однос на 504 лица во 2014 година е намалување од 127 лица или 25,2 %. Од годишните извештаи на јавните обвинителства произлегува дека во најголем број случаи мерката притвор траела до 30 дена, а во помал број до 60, 90 или преку 90 дена. Времетраењето на притворот, во согласност со одредбите на Законот за кривична постапка, е врзано за висината на казната за одделни кривични дела.
„И покрај убедувањето на јавноста дека јавното обвинителство многу често ја користи мерката притвор како мерка за обезбедување присуство на лица и за непречено водење на кривичната постапка, статистиката говори дека во извештајната 2015 година оваа мерка е употребена во само 1,7 % од случаите, и тоа во најголем дел против сторители на имотен криминал. Овие податоци укажуваат на фактот дека јавното обвинителство оваа мерка на обезбедување на присуство ја користи оправдано, само во случаи кога на друг начин не може да се обезбеди непречено и успешно одвивање на кривичната постапка“, стои во Извештајот.
Поднесени обвиненија
Во 2015 година, од вкупно решени истраги против 2 043 лица, против 1 328 лица биле поднесени обвиненија; против 454 лица се запрени истрагите; против 54 лица се прекратени истрагите; против 106 лица истрагите биле решени на друг начин; против 73 лица истрагите биле решени со предлог спогодба во истражна постапка и против 28 лица со предлог спогодба по поднесување на обвинителен акт.
Предлог спогодби
Донесувањето на пресуда врз основа на спогодба бележи пораст за 8,9 % во споредба со 2014 година. Имено, овој институт во текот на 2015 година е применет во вкупно 300 случаи, од нив во 166 случаи по скратена постапка, во 124 случаи во текот на истражната постапка и во 10 случаи по поднесен обвинителен акт, односно во фаза на оцена на обвинение, се наведува во Извештајот.
„Придобивките од користењето на спогодувањето, намалените трошоци за кривична постапка и ефективната и ефикасна кривична постапка со кратко времетраење укажуваат на оправданоста на заложбата на Јавното обвинителство на Република Македонија во иднина сè поголем број на предмети да се решаваат на ваков начин“, велат од ЈО.
Структура на кривичните дела
Од структурата на кривичните дела извршени во текот на 2015 година, во споредба со 2014 година, може да се заклучи дека и оваа година имаме најголем број на сторители кои извршиле кривични дела против имотот – 6 589 лица, по што следни се сторителите на кривични дела против безбедноста на јавниот сообраќај – 5 295 лица, или дури 56 % од вкупниот криминал сторен во текот на 2015 година е поврзан со кривичните дела против имотот и против безбедноста на јавниот сообраќај.
„Ваквите податоци укажуваат на потребата од пронаоѓање на системско решение за превентивно дејствување на овие два вида на криминал, од кои едниот со себе носи материјална штета на поединците и нарушување на приватноста, а вториот вид криминал со себе носи сè поголем број на човечки жртви“, се наведува во Извештајот.
Кривични дела поврзани со корупција
Јавните обвинителства во текот на 2015 година воделе постапка против 64 лица за коруптивни дела, од нив 18 лица се осудени со правосилни пресуди, против 2 лица е поведено обвинение, против 11 лица се води истрага, против 15 лица во тек е предистражна постапка, а за 18 лица истрагата е запрена или е донесено решение за отфрлање на кривична пријава.
„Во однос на профилите на пријавените лица, можеме да истакнеме дека постапки во 2015 година се водени против одговорни лица на државни агенции, градоначалници, поранешни градоначалници, одговорни лица во приватни домашни и странски лица, членови на управни одбори, извршители, полициски службеници, професори, припадници на шумската полиција итн.“, велат од ЈО.
Бројот на јавни обвинители
Во текот на 2015 година Обвинителството примило 349 поднесоци, односно 192 кривични пријави и 157 претставки кои се однесуваат на работата на обвинителствата, на одлуките за отфрлање на кривичните пријави или на неажурното постапување по нив.
Во Извештајот се наведува дека, во согласност со одлуката на Советот на јавни обвинители, потребни се 251 јавен обвинител. Во моментов работат 197 обвинители, што значи дека треба да биде направен избор на уште 40 лица за пополнување на испразнетите места. Дополнително, од анализата на Јавното обвинителство произлегува дека бројот на јавни обвинители треба да се зголеми на 274.
Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција
Во текот на 2015 година до ова обвинителство биле поднесени 217 кривични пријави против 525 полнолетни сторители на кривични дела, а постапувано е и по нерешени кривични пријави од претходната година – против 103 лица, така што вкупно во работа имало кривични пријави против 628 полнолетни сторители на кривични дела.
Од вкупно поднесени кривични пријави против 525 лица во 2015 година, најголемо учество со поднесени кривични пријави против 407 лица или 77,52 % зазема Министерството за внатрешни работи, а учеството на останатите субјекти на пријавување е како што следува: Министерство за финансии учествува со пријавени 7 лица или 1,33 %; други државни органи со пријавени 6 лица или 1,14 %; по сопствена иницијатива Обвинителството има процесирано пријави против 15 лица или 2,86 % и од други основни јавни обвинителства биле отстапени кривични пријави против 90 лица или 17,14 %.
Статистичките податоци за работењето, јавните обвинителства во Република Македонија, гледано самостојно и во врска со податоците од претходните години, без оглед на предизвиците пред кои беа исправени и без оглед на субјективните и објективните тешкотии во имплементацијата на Законот за кривичната постапка, во извештајната 2015 година јавнообвинителската функција ја имаат извршено професионално, со постигнат висок степен на објективност и стручност, стои во заклучокот на Извештајот.
М. С.