/ Прочитано:

1.600

ИЗВЕШТАЈ ЗА РАБОТАТА НА СУДСКИОТ СОВЕТ: Потребни се повеќе средства за нормално функционирање на судовите

„Потребни се повеќе средства за нормално функционирање на судовите. Тие и сега функционираат, да не бидам погрешно разбран, но заради поотчетно остварување на правата на граѓаните, потребни ни се материјални и финансиски средства, а некаде се потребни и интервенции во судовите, не само во кадровски потенцијал туку и во логистика, набавка на компјутери и слично. При идните проекции на буџетот ќе ги имаме предвид сите овие потреби и ќе се бориме, во рамките на можностите, да добиеме повеќе средства во интерес на навремено функционирање на судството“, рече Караџовски.

Судски совет на РМ, табла

Во 2015 година вкупниот буџет одобрен за судската власт за двете програми, судска администрација и Академија за судии и јавни обвинители, изнесувал 1.853.691.000,00 денари. Од овие средства 1.794.306.000,00 денари се приходи од централниот Буџет на Република Македонија, 52.785.000,00 се сопствени приходи и 6.600.000,00 денари се однесуваат на приходи од донации, стои во Извештајот за работата на Судскиот совет за 2015 година.

Претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски, вели дека во судството постојат реални проблеми во однос на неговото финансирање.

„Потребни се повеќе средства за нормално функционирање на судовите. Тие и сега функционираат, да не бидам погрешно разбран, но заради поотчетно остварување на правата на граѓаните, потребни ни се материјални и финансиски средства, а некаде се потребни и интервенции во судовите, не само во кадровски потенцијал туку и во логистика, набавка на компјутери и слично. При идните проекции на буџетот ќе ги имаме предвид сите овие потреби и ќе се бориме, во рамките на можностите, да добиеме повеќе средства во интерес на навремено функционирање на судството“, рече Караџовски.

Во текот на 2015 година Судскиот совет извршил избор на 20 претседатели на судови. Освен изборот на судии, и покрај поголем број на испразнети судиски места, Советот наместо избор извршил поголем број на привремени упатувања на судии за период од најмногу една година.

„Советот ги донесе одлуките за привремено упатување на судиите во согласност со членот 39 од Законот за судовите, во случаите кога констатираше состојба на значително зголемен обем на работа во овие судови и намалена ажурност. Овие одлуки Советот ги донесе за да не биде доведено во прашање тековното работење на судот, и тоа од судовите кои имаат помал обем на работа и во кои ажурноста на судот може да се постигне и со помал број на судии определен со одлуката на Советот“, стои во Извештајот.

Во 2015 година било утврдено дека во судовите во земјава работат вкупно 1 173 судии поротници а бил извршен избор на 56 нови судии.

Советот повел постапка за утврдување на одговорност за нестручно и несовесно работење против еден судија од Основниот суд Скопје 1 Скопје на барање на претседателот на Судот.

„Судија на ОС Скопје 1 Скопје, поради основано сомнение за сторена повреда на чл. 75 ст. 1 алинеја 10 од Законот за судовите, го нарушила угледот во вршењето на судиската функција, со што сторила повреда на Судскиот кодекс. Со правосилна пресуда е огласена за виновна за кривично дело несовесно работење во службата, од чл. 353-в ст. 3 в.в. со ст. 1 в.в. со чл. 45 од КЗ, при што ѝ е изречена алтернативна мерка условна осуда со казна затвор во траење од 9 месеци, која нема да се изврши доколку не стори ново кривично дело за 2 години од правосилноста на пресудата“, се наведува во Извештајот. Советот донел одлука за разрешување на судијата, а одлука е обжалена пред Врховниот суд, кој до подготовка на Извештајот сè уште не се произнесол во однос на жалбата.

Седница Судски совет

Во извештајната 2015 година, Судскиот совет ги разгледувал и извештаите за работата на судовите во земјава. Според нив, Врховниот суд на Република Македонија е оценет како неефикасен и неажурен, а истото се однесува и на Апелациониот суд Скопје. Управниот суд успеал да го совлада заостатокот на предмети, со што е оценет како ажурен, додека Вишиот управен суд е оценет како неажурен. Апелациониот суд Битола не успеал да го совлада заостатокот на предмети и е оценет како неефикасен, додека Основниот суд Битола успеал да го совлада приливот на предмети. Слична е ситуацијата и во скопското апелационо подрачје во кое Апелациониот суд Скопје не го совладал приливот на предмети, додека Основниот суд Скопје 1 и Основниот суд Скопје 2 ги совладале новопримените предмети, и се оценети како ажурни.

На подрачјето на Апелациониот суд Штип, судовите во целина успеале да го решат приливот и да го намалат заостатокот за 1 103 предмети, со што подрачјето се оценува во целост како ажурно и ефикасно. Основните судови на подрачјето на Апелациониот суд Гостивар во 2015 година го совладале приливот и го намалиле заостатокот на нерешени предмети за 1 798 предмети, со што подрачјето во целост се оценува како ажурно и ефикасно.

Во текот на 2015 година Судскиот совет на Република Македонија постапувал по вкупно 615 претставки, од кои затечени се 228 претставки, новопримени биле 387 претставки, а биле решени сите 615 претставки, или во работа не останала ниту една претставка.

„Најголем е бројот на претставки во кои подносителите очекуваат Судскиот совет да ја преиначи веќе донесената одлука на судот или да утврди друга фактичка состојба, поинаква од онаа што ја утврдил судот. Во дел од претставките се укажува на незадоволство од работењето на судот поради одолговлекување на постапката пред судот, случаи кога не се почитувани роковите предвидени со закон за преземање на процесните дејствија на донесување, објавување и изготвување на судските одлуки и сл.“, стои во Извештајот. Од поднесените претставки, Советот само во 17 случаи утврдил дека наводите во претставките се основани, и тоа во 7 предмети поради непочитување на законските рокови, а во 10 случаи поради погрешна примена на материјалното право или поради повреда на процесниот закон. Најголем број од претставките, 68, се однесувале на работата на судиите од Основниот суд Скопје 2.

Годишниот извештај за работата на Судскиот совет беше усвоен на вчерашната седница на Советот и е пратен на разгледување во Собранието на РМ.

М. С.