/ Прочитано:

1.091

Извештај за работењето на НБРМ во 2011 година / Извештај за банкарскиот систем на РМ во 2011 година

Петок, 20 јули 2012 – На дневен ред на Комисијата за финансирање и буџет денеска се Годишниот извештај за работењето на Народната банка на РМ во 2011 година и Извештајот за банкарскиот систем на РМ за истата година. Народната бака во извештајот за 2011 година, констатирала дека монетарната политика се спроведувала во релативно поволно макроекономско окружување. Растот на домашната економија, иако се одржа и дополнително зајакна, не беше доволно силен да обезбеди затвoрање на негативниот производствен јаз, при што не беа забележани позначителни притисоци од страна на домашната побарувачка, се наведува во извештајот.

Според НБРМ, 2011 година ќе остане запаметена како „година на пресврти“ со нагли промени кај ризиците од екстерното окружување. Како што се наведува во извештајот истите не предизвикале поголеми макроекономски нерамнотежи во домашната економија, при што основната каматна стапка на НБРМ останала иста во текот на годината, односно 4%.

  • Сепак, во текот на втората половина на годината НБРМ изврши промени во доменот на управувањето со ликвидноста од страна на банките, коишто придонесоа за извесно олабавување на условите и поголема расположлива ликвидност за банките и беа во согласност со амбиентот на монетарната политика во тој период. Амбиентот на стабилна инфлација на среден рок и стабилен номинален курс на денарот во однос на еврото, како посредна монетарна цел, беше успешно задржан и во текот на 2011 година.

Понатаму се наведува дека реалниот раст на БДП изнесувал 3%, што е речиси двојно повисок раст во однос на претходната година.

  • Постепеното зголемување на глобалниот економски раст, поволната конјунктура на светскиот пазар на нашите извозни производи и пооптимистичките очекувања на економските субјекти имаа позитивен ефект врз домашната економска активност. Стимулот на државните капитални инвестиции, исто така, придонесе за позитивните остварувања.
Согласно со претежно поволниот амбиент, како што стои во извештајот, домашните субјекти ја зголемиле склоноста кон потрошувачкa, којашто била поддржана од зголемената кредитна активност и од умерениот раст на вработеноста, фактори довеле до висок просечен раст на домашната економија од 5,2% во првата половина од годината.  Во второто полугодие дошло до влошување на макроекономските трендови, од кои најмногу се погодени домашната индустрија и извозниот сектор.
  • Како резултат на овие фактори растот забави  и изнесуваше 1, 2% во просек во втората половина на годината.
Според МБПР, инфлацијата во 2011 година изнесувала 3,9%, во просек. Зголемувањето на ценовното ниво било водено од фактори на страната на понудата, односно од понатамошниот пораст на светските цени на храната и енергијата, но и од зголемувањето на домашните регулирани цени.
  • Динамиката на инфлацијата, во голема мера, соодветствуваше со промените во екстерното окружување – забрзан раст во првата половина на годината и нејзино стабилизирање во втората половина од годината.
Според извештајот, дополнителните капитални приливи кои во главно дошле преку надворешното задолжување, особено на државата, придонеле за остварување на историски највисокото ниво на девизни резерви на крајот од годината од 2.069 милиони евра. Од аспект на монетарната политика ова значело и поголем капацитет за амортизирање на потенцијалните притисоци на девизниот пазар и зачувување на стабилноста на девизниот курс на денарот.
Во врска со депозитниот потенцијал на банките, истиот продолжил да се зголемува во 2011 година и достигнал 10,6%, но сепак остварил позабавена динамика во споредба со претходната година (13%). На промената на макроекономскиот амбиент, имуна не останала ниту динамиката кредитните текови во 2011 година.

  • Во првата половина на годината, во согласност со поволните движења во домашната и глобалната економија, активноста на кредитниот пазар растеше со релативно побрзо темпо, како  како комбинација на позитивните импулси и од понудата и од побарувачката на кредити. Зголемената неизвесност во втората половина од годината и намалената домашна активност доведоа до воздржаност на банките од кредитирање и кредитниот раст забави.

>> Целосниот извештај проследетe го тука.

Извештај за банкарскиот систем на РМ во 2011 година

Во Извештајот за банкарскиот систем на Република Македонија за 2011 година е констатирано дека во услови на турбулентно надворешно опкружување и неизвесност во врска со натамошниот развој на должничката криза во евро-зоната, банките ја задржаа својата стабилност, одржувајќи висока солвентност и ликвидност. За разлика од повеќето земји-членки на ЕУ кои во претходните три години поминаа низ т.н. финансиска дезинтермедијација, како што стои во извештајот, банкарскиот систем на Република Македонија, продолжил да го зголемува своето значење за економската активност на земјата преку зголеменото ниво на финансиска интермедијација.

  • Во 2011 година, вкупната актива на банкарскиот систем растеше со забавено темпо во однос на 2010 година. На 31.12.2011 година, вкупната актива знесуваше 331.176 милиони денари, а нејзиниот годишен раст (во висина од 8,5%) беше понизок за 5,2 процентни поена во споредба со растот остварен во претходната година. Истовремено забави годишниот раст на депозитите (кој изнесува 9,8%), а кредитниот раст забележа умерено годишно забрзување (и изнесува 8,5%).
  • Во 2011 година, кредитите се зголемени за 15.860 милиони денари, или за 8,5 отсто и достигнаа 202.405 милиони денари.
>> Целосниот извештај проследетe го тука.