Извештај за состојбата во однос на заштитата на децата од злоупотреба и занемарување
Во согласност со одлука на Владата на Република Македонија формирано е Национално координативно тело за заштита на деца од злоупотреба и занемарување, кое има обврска да изработи годишен извештај за својата работа, во чии рамки е содржан и Извештајот за состојбата во однос на заштитата на децата од злоупотреба и занемарување во согласност со креираните индикатори за 2017 година.
Годишниот извештај го изработуваат членовите на Националното координативно тело и го доставуваат до Владата на Република Македонија. Националното координативно тело е формирано со цел да овозможи ефикасно и координирано постапување помеѓу надлежните ресори и другите учесници при заштитата на децата од злоупотреба и занемарување.
Овој извештај е подготвен врз основа на собраните податоци за деца жртви на насилство, злоупотреба и занемарување во секторите: образование, здравство, социјала и полиција.
Професорот и судија Лазар Нанев вели дека извештајот има цел да ја утврди состојбата со децата жртви на насилство, злоупотреба и занемарување, ефикасноста на институциите во спречување на појавата, како и нивната подготвеност за собирање релевантни податоци.
Извештајот е структуриран во три дела:
Првиот дел се однесува на остварување на надлежноста на Националното координативно тело за заштита на деца од злоупотреба и занемарување во 2018 година.
Вториот дел се однесува на прикажување на состојбата со децата жртви на злоупотреба и занемарување и остварување на нивните права во согласност со индикаторите добиени од страна на институциите во 6 сектори во системот на правда за децата во 2017 година (Министерството за образование и наука, Министерство за здравство, Министерство за внатрешни работи, Министерството за труд и социјална политика, Јавното обвинителство на РМ, судови во РМ). Состојбата со децата жртви на насилство, злоупотреба и занемарување е прикажана преку поединечни извештаи од секторите вклучени во системот за правда за децата, но направен е и обид за компарација на општиот индикатор по институции.
Третиот дел содржи заклучоци и препораки за унапредување на работата на телото и преземање активности за заштита на децата од злоупотреба и занемарување.
Врз основа на целокупната анализа во последниот дел од извештајот изведени се заклучоци во однос на состојбата со децата жртви на насилство, злоупотреба и занемарување во Република Македонија во 2017 година; ефикасноста и ефективноста на институциите во спречување на појавата, спроведување на законските одредби и процедурите за постапување со деца жртви на насилство, како и заштитата и почитувањето на правата на децата и подготвеноста на институциите за собирање релевантни податоци и користењето на нивните електронски програми за бележење и собирање податоци за деца жртви на насилство.
Извештајот може да се преземе на следниот линк.
Национално координативно тело за заштита на деца од злоупотреба и занемарување
М.В