/ Прочитано:

1.344

Извештај за состојбите и условите во казнено-поправните установи

Има напредок во казнено-поправните установи, но потребни се повеќе средства и системски решенија, констатираат од Хелсиншкиот комитет.

„Со промената на раководството во Управата за извршување на санкциите беше овозможен непречен пристап до казнено-поправните установи во споредба со претходната пракса на целосно игнорирање на поднесените барања за посети на овие установи. Во периодот од февруари до септември 2019 година, претставниците на Хелсиншкиот комитет за човекови права остварија еднодневни посети во 10 од 11 казнено-поправни установи во Република Северна Македонија, како и три дополнителни посети во КПД Штип, КПУ Куманово и КПУ Охрид“, велат од Комитетот.

На прес-конференција во Граѓанскиот ресурсен центар пред медиумите беше презентиран Извештајот за состојбите и условите во казнено-поправните установи во Република Северна Македонија, подготвен во рамките на проектот „Живот зад решетки“, поддржан од страна на Амбасадата на САД во Република Северна Македонија. Проектот се спроведуваше во периодот од август 2018 до септември 2019 година со цел да ги адресира системските проблеми во пенитенцијарниот систем во државата, а со посебен фокус на почитувањето на човековите права на лицата лишени од слобода кои издржуваат казна затвор.

Финалниот извештај се базира на теренските посети извршени од страна на претставници на Хелсиншкиот комитет врз основа на претходно утврдена методологија за остварување на посетите. Потребата од спроведување на теренски посети со цел утврдување на фактичката состојба во казнено-поправните установи произлезе од фактот што овие установи долго време беа затворени за експертската јавност, а воедно беа предмет на константна критика од страна на домашните и меѓународните организации за заштита на човековите права.

Извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска, ја оцени како напредок соработката со Управата за извршување на санкции, која започна по заедничката посета на КПД Идризово со премиерот Заев и Народниот правобранител. Напредок е забележан и во намалувањето на пренатрупаноста, што се должи на донесениот Закон за амнестија, но и на новиот павилјон изграден по сите стандарди за околу 600 затвореници во најголемиот затвор во земјава. Наскоро ќе се пушти во употреба и новиот малолетнички затвор во Тетово.

Сепак, остануваат многу предизвици поврзани со казнено-поправните установи, за кои треба систематизиран пристап, констатираше Пировска.

„Буџетот за казнено-поправните установи од лани е намален за 60%, што се одразува и на снабденоста со храна и хигиенските услови. Мора да се одвојат повеќе средства за оваа популација. Не станува збор за една институција, туку сите да си ги почитуваат своите обврски и да издвојат поголем буџет. Самите луѓе кои работат во установите се соочуваат со предизвици, ниски плати, влијанија врз нивната психичка состојба. Нашите препораки се до државата, а не само до задолжените за управување со установите. Не смееме да ги оставиме осудените лица на маргините на општеството. Потребна е политичка волја да се направи нешто повеќе за оваа популација“,истакна таа.

Сибел Амет, правен советник и координаторка на овој проект, се осврна на проблемите во однос на образованието, здравството, ресоцијализацијата и материјалните услови.

„Во ниту еден затвор нема образование, напротив сѐ е сведено на ниво на пилот-проекти финансирани од меѓународната заедница, но тоа не е системско решение. Особено загрижувачка е состојбата  во малолетничките установи“, посочи таа и додаде дека затворите се соочуваат и со недоволно лекарства и медицински персонал. Во таа насока, таа истакна дека е потребна добра координација меѓу министерствата за правда, за здравство и за образование за да се сменат работите. Сериозен проблем останува и постпеналната помош бидејќи голем дел од затворениците се оставени сами на себе кога излегуваат од затвор.

„Надлежните сериозно да ја сфатат обврската за помагање на тие што треба да излезат од затвор за полесно да се соочат со животот надвор од решетките’’, заклучи Амет.

Извештајот содржи резиме од остварениот теренски мониторинг и се осврнува на напредокот и на предизвиците документирани за време на посетите. Хелсиншкиот комитет дава и генерални препораки за надлежните институции во насока на подобрување на состојбите и условите во казнено-поправните установи.

Извештај за состојбите и условите во казнено-поправните установи во Република Северна Македонија

М.В