Извештај за транспарентноста на работата на ДЗР
Вториот квартален извештај ја опфаќа работата на ДЗР во периодот од јануари до март 2017 година, а се однесува на неколку аспекти: транспарентност на ДЗР, перцепција на субјектите на ревизија, медиумите и општата јавност за транспарентноста на ДЗР, резултати од работата на ДЗР и правна релација помеѓу ДЗР и Собранието на РМ.
Фондацијата за демократија на Вестминстер и Центарот за економски анализи (ЦЕА) денеска го презентираа вториот квартален извештај за работата на Државниот завод за ревизија.
Вториот квартален извештај ја опфаќа работата на ДЗР во периодот од јануари до март 2017 година, а се однесува на неколку аспекти: транспарентност на ДЗР, перцепција на субјектите на ревизија, медиумите и општата јавност за транспарентноста на ДЗР, резултати од работата на ДЗР и правна релација помеѓу ДЗР и Собранието на РМ.
Габриела Димовска од Центарот за економски анализи (ЦЕА), која е и еден од авторите на извештајот, вели дека ДЗР ги реализирал сите 45 ревизорски извештаи кои биле планирани во програмата за 2016 година. 39 државни институции биле субјект на ревизија на регуларност, додека на 6 мерки била извршена ревизија на успешност со која се мереле нивната ефикасност и ефективност. На веб-страницата на ДЗР, јавно се објавени 26 конечни извештаи од овие ревизии.
Главниот впечаток на субјектите на ревизија, како што потенцираше Димовска, е дека се задоволни од соработката со ДЗР и сметаат дека со спроведувањето ревизија, ДЗР помага во подобрувањето на работењето на институцијата.
Според наодите на извештајот, само 8 од 39 институции кои биле субјект на ревизија одговориле на прашалникот со кој од нив се барало да го опишат искуството од соработката со ДЗР. Сите што одговориле изразиле задоволство од соработката и сметале дека со спроведувањето на ревизијата ДЗР помага во подобрувањето на квалитетот на работењето на институцијата.
„Во принцип, ДЗР ги објавува речиси сите информации што се од јавен карактер. На нивната веб-страница може да се најдат сите ревизорски извештаи. Но, како дополнителни информации, ДЗР во просек месечно објавува само една до две информации, и тоа главно на протоколарни меѓународни конференции. Главниот впечаток на новинарите и општата јавност кои учествуваа во мониторингот е дека е потребна поголема медиумска застапеност на ДЗР за нагласување на наодите од ревизорските извештаи. Дополнително, веќе е време да се размислува за задолжително разгледување на ревизорските извештаи на Комисија за финансирање и буџет, па дури и на седница на Собрание“, смета Димовска.
Новинарите што биле опфатени со истражувањето сметаат дека иако на веб-страницата на ДЗР можат да се најдат корисни информации, сепак, би било полезно доколку Државниот завод за ревизија организира периодични прес-конференции на кои би се презентирале наодите од ревизорските извештаи. Медиумите се, всушност, и главниот начин преку кој граѓаните се запознаваат со работата на ДЗР, бидејќи само мал процент редовно ги следи ревизорските извештаи.
Интересно е тоа што голем дел од испитаниците би сакале да предложат субјект за вршење ревизија, но воопшто не знаеле дека имаат таква можност.
Извршувајќи ја својата работа во 2016 година, Државниот завод за ревизија доставил 7 ревизорски извештаи до Јавното обвинителство, за кои сè уште не е добиен повратен одговор. Општина Кочани, Министерството за економија, ЈП „Македонија пат“ и Министерството за образование и наука се само дел од институциите на кои се однесуваат овие извештаи.
„Ова е втор од шест планирани извештаи, така што Фондацијата за демократија на Вестминстер, заедно со Центарот за економски анализи, ќе продолжи да ја следи работата на ДЗР и во периодот пред нас. Во исто време, ќе работиме со новиот состав на Собранието на Република Македонија на воведување практика на разгледување на ревизорските извештаи во рамките на работата на Собранието, практика што постои во сите развиени демократии и има за цел зголемување на финансиската отчетност и транспарентност во Македонија“, рече Дамир Незири од Фондацијата за демократија на Вестминстер.
Извештајот, кој е подготвен во рамки на проектот „Подобрување на финансиската отчетност и транспарентност во Македонија“, е имплементиран од Фондацијата за демократија на Вестминстер (WFD), Центарот за економски анализи (ЦЕА) и Институтот за комуникациски студии (ИКС), со поддршка од Британската амбасада во Скопје.
А. Б.