/ Прочитано:

817

Извештајот на ЕК за Македонија на 16-ти, а Резолуцијата на ЕП на 8 април

Понеделник, 11 март 2013 – Познати се датумите кога Европската комисија (ЕК) ќе го објави Специјалниот извештај за Република Македонија, од којшто зависи дали на јунскиот Самит на Европскиот совет ќе добиеме датум за почеток на пристапните преговори, но и кога Европскиот парламент (ЕП) ќе гласа за Резолуцијата за нашата земја.

Како што јавува дописникот на МИА од Брисел, еден ден по вториот круг на локалните избори во Македонија, односно на 8-ми април, Европарламентот ќе гласа за Резолуцијата, со која всушност се дава мислење на законодавниот дом за октомврискиот извештај на Комисијата, кој како што е познато беше најпозитивен.

Специјалниот пролетен извештај на ЕК, кој ќе биде сконцентриран на резултатите од заклучоците на последниот Самит на Советот за Македонија, односно добрососедството со Бугарија, развивањето на преговорите за наметнатиот спор за името со Грција и резултатите од Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД), ќе биде готов и објавен на 16-ти април. Него, според воспоставената пракса на Комисијата, го разработуваат сите одделенија во неформалната Влада на ЕУ, а дента ќе го објави еврокомесарот за проширување Штефан Филе.

Според извори во ЕК, доколку се биде во ред со одвивањето на локалните избори и тие минат мирно и демократски, со сигурност може да се очекува и овој вонреден извештај на Комисијата да биде позитивен, а со тоа на Европскиот совет да не му остане ништо друго освен во јуни да определи датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во Унијата. Според најавите, во јуни може да се очекува да биде дадено зелено светло за почеток на т.н. скрининг-процес (усогласување на европското со домашното право и закони), а до крајот на оваа година и формално да почнат пристапните преговори, при што како тајминг се споменуваат септември и декември месец.

Што се однесува до гласањето за Резолуцијата за Македонија од страна на Европскиот парламент, по одложувањето тоа да се случи на 4 март, поради политичката криза, што во меѓувреме беше разрешена, известувачот Ричард Ховит побара и тоа е речиси сигурно дека ќе биде одобрено, на 8-ми април, што е еден ден по завршувањето на вториот круг од локалните избори во Македонија, законодавниот дом на ЕУ да го даде финалното мислење. Во оваа Резолуција, според најавите, голем дел од амандманите би биле споени во помалку со цел полесно да бидат усвоени, а политичките случувања се очекува да завземат место во еден параграф, со тоа што на крајот би било забележано дека кризата е надмината.

Инаку, комесарот Филе и длеегација на Директоратот за проширување, неделата меѓу 25 и 1 март (по првиот круг на локалните избори) би требало да пристигнат во Скопје во рмаки на Четвртата рунда од ХЛАД-от.