Извештајот на Јанева и извештајот на Зврлевски на иста собраниска седница
Вториот шестмесечен извештај на Специјалното јавно обвинителство беше објавен на 15 септември и беше доставен до Собранието на РМ и до Советот на јавните обвинители, додека пак Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства на Република Македонија за 2015 година беше доставен до Собранието на РМ на 27 јули годинава, но ставен е на дневен ред дури за во понеделник.
Собранието на Република Македонија на 120 собраниска седница закажана за идниот понеделник, 26 септември, ќе го разгледува извештајот за работата на Обвинителството со кое раководи Катица Јанева и Годишниот извештај на јавните обвинителства на кој е потпишан републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски.
Вториот шестмесечен извештај на Специјалното јавно обвинителство беше објавен на 15 септември и беше доставен до Собранието на РМ и до Советот на јавните обвинители, додека пак Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства на Република Македонија за 2015 година беше доставен до Собранието на РМ на 27 јули годинава, но ставен е на дневен ред дури за во понеделник.
Во извештајот за работата на СЈО за периодот од 15.3.2016 до 15.9. 2016 година се наведува дека Обвинителството поднело два обвинителни предлози, а во тек се вкупно 38 предистражни постапки во кои се преземаат сите законски дејствија за истражување на настани. Од нив, 16 предистражни постапки произлегуваат од јавно објавените аудиоснимки, а 22 предистражни постапки произлегуваат од аудиоснимките кои не се објавени и со кои јавноста не е запознаена.
Податоците од Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства на Република Македонија за 2015 говорат дека јавните обвинителства, и покрај сите проблеми со кои се соочувале во текот на 2015 година, успеале да го задржат континуитетот на совладување на приливот на кривични пријави. Па така, и во оваа извештајна година се бележи успех од решени 66,8 % од вкупниот број на пријави.
Во текот на 2015 година, основните јавни обвинителства постапувале по новопримени кривични пријави против вкупно 31 486 сторители на кривични дела, од кои 21 068 се полнолетни, 1 358 се деца и 9 060 се непознати сторители на кривични дела.
Од Извештајот се забележува дека најмногу работа имале обвинителствата на подрачјето на Вишото јавно обвинителство Скопје, односно 17 423 кривични пријави.
Јанева најави дека ќе го презентира извештајот пред пратениците. Од Јавното обвинителство на Република Македонија пак наведуваат дека, како и во изминатите години, претставник на ЈОРМ ќе го презентира извештајот, но во моментов не можат да соопштат дали тоа ќе го направи јавниот обвинител Зврлевски.
М. С.
Извештај за работата на јавните обвинителства во Република Македонија во 2015 година