/ Прочитано:

1.350

Извештајот на Народниот правобранител, во кој се нотира партискиот реваншизам, е пред пратениците

Годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедување почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2018 година е во собраниска процедура.

Пратениците траба да го разгледаат Извештајот на Народниот правобранител, во кој се акцентираат повеќе нарушувања на човековите права, особено во делот на правосудството, партискиот реваншизам, полициските овластувања, работните односи, социјалната сфера, урбанизмот, потрошувачките и имотните права.

Во врска со Извештајот, заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа одржа прес-конференција, на која детално го образложи степенот на обезбедување почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права во 2018 година.

„Прикажано преку бројки, минатата година постапувавме по 4.482 претставки, од кои 3.458 беа примени во извештајниот период, при што 50 беа отворени по сопствена иницијатива, за различни области. Најголем број претставки беа примени од областите: правосудство, работни односи, казнено-поправни установи и воспитно-поправни установи, потоа потрошувачки права, заштита на права при полициско овластување, имотноправна област, финансии и финансиско работење, заштита на правата на детето, социјална заштита, здравствена заштита, недискриминација и сл. Споредбено со 2017 година, податоците покажуваат дека во извештајната година се забележува намалување на констатираните повреди за 7,60%, а од друга страна, анализата на податоците во однос на прифатени препораки/укажувања на Народниот правобранител, покажува намалување за 13,42% во споредба со 2017 година“, посочи заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа во своето излагање на прес-конференцијата посветена на Годишниот извештај.

Бајрамовска-Мустафа истакна дека во извештајната 2018 година граѓаните искажуваат најголема недоверба токму во судската власт.

Долгото траење на постапките e основниот проблем за кој се бара заштита, а голем е и бројот на претставки во кои граѓаните изразуваат незадоволство од судските одлуки, за кои сметаат дека се донесени пристрасно, селективно, под притисок и со политичка мотивираност. За околу 60% е зголемен бројот на претставки поднесени во врска со правата од работен однос. При тоа, граѓаните најчесто бараа заштита поради повреда на правата во постапките за вработување, исплата на плати и други надоместоци, за распоредување на вработените, за престанок на работниот однос, постапки по жалби и приговори и сл.

„Во оваа област констатиравме дека продолжува праксата на ‘партиски реваншизам’ по спроведување на кои било избори, што особено беше видливо во сферата на образованието и детската заштита, како при изборот на кандидати за вработување така и при трансформацијата на работниот однос на вработените од  определено на неопределено време, и во однос на продолжување на договорите за работа“, истакна на прес-конференцијата заменик–народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа.

НАРОДНИОТ ПРАВОБРАНИТЕЛ: Граѓаните најголема недоверба имаат во судството

М.В