Извештајoт од набљудувањето на спроведувањето на реформите од Планот 3-6-9 во вторите 3 месеци
Институтот за демократија „Социетас цивилис“ – Скопје (ИДСЦС), во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“, го следи спроведувањето и исполнувањето на реформите од Планот 3-6-9. Врз основа на методологија развиена од ИДСЦС се проценува реализираноста на активностите наведени во Планот. Вториот извештај, кој се однесува на вторите три месеци од спроведувањето на планот, бeше јавно презентиран во ЕУ-инфоцентарот.
Следењето на спроведувањето на делот 6 од Планот 3-6-9 открива дека од вкупно предвидените 31 активност:
- 16 активности (52 %) се исполнети,
- 5 активности (16 %) се делумно исполнети,
- 6 активности (19 %) се неисполнети,
- 4 активности (13 %) се немерливи.
Делот 6 се однесува на периодот од локалните избори до крајот на 2017 година. Споредено со делот 3, процентот на исполнети активности е во пораст од 41 % на 52 %, исто како и процентот на неисполнети активности од 14 % на 19 %. Процентот на делумно исполнетите активности останува ист, односно 16 %, бележиме пад во процентот на немерливи активности од 29 % на 13 %.
Се забележува подобрување на Планот во насока на зголемување на неговата мерливост и предвидливост. Друг позитивен момент е што Владата овој пат го објави планот во целост, односно ги објави активностите што треба да бидат преземени за целото времетраење на Планот 3-6-9. Исто така, како позитивна се оценува и направената приоретизација во однос на реформските области. За разлика од претходниот план, овој пат акцентот е ставен на реформите во правосудството, безбедносните и разузнавачките служби и јавната администрација.
Покрај овие позитивни моменти, евидентни се и аномалиите што се повторуваат во оваа верзија на Планот, како и во претходната. Имено, застапени се мерки кои по својата природа се континуирани активности на институциите или нивна ресорна надлежност. Тие не се и не можат да бидат реформска активност.
Што се однесува до процентот на адресирани препораки од извештајот на Прибе од 2015 година и Итните реформски приоритети на Европската комисија, активностите во делот 6 го запазуваат истиот опфат како со делот 3. Оттука, 8 активности од вкупно 31, колку што содржи планот, за овој временски период можат да се поврзат со овие два извештаи. Слична е ситуацијата и со усогласеноста на мерките во делот 6 со Националната програма за усвојување на правото на Европската Унија (НПАА 2016 – 2018 и нејзиниот анекс 2017 – 2020). Додека во делот 3, 8 од 73 мерки (11 % од мерките) произлегуваат и се усогласени со НПАА и/или нејзиниот анекс, во делот 6 само 3 од 31 мерка (10 % од мерките) покажуваат таква усогласеност. Мало, незначително подобрување од 25 % на 29 % се забележува во адресирање на препораките од вториот извештај на Прибе од 2017 година.
За повеќе детали од наодите погледнете го целосниот извештај достапен на следните линкови
М.В