/ Прочитано:

3.779

Извештајот за АКМИС-системот достапен за јавноста: Нотирани се бројни неправилности

Министерката за правда, Рената Дескоска, оствари средба со претседателот на Судскиот совет на Република Македонија, Зоран Караџовски. Во фокусот на средбата беа претстојните реформи и имплементацијата на Стратегијата за реформи во правосудството 2017 – 2022 година, како и задачите што треба да ги исполнат Министерството за правда и Судскиот совет за воспоставување на европските стандарди за независно и ефикасно судство.

Притоа, министерката Дескоска ја потенцираше одговорноста и важноста на улогата на Судскиот совет околу исполнувањето на овие стандарди. Министерката Дескоска истакна дека Судскиот совет треба да биде еден од клучните актери во градењето на професионален, независен и кредибилен судски систем во државата и да придонесе во градењето на правната држава.

Дескоска го отвори прашањето за активностите на Судскиот совет околу наодите во Извештајот за АКМИС-системот, кој беше изготвен по претходно барање на Министерството за правда минатата година, и го информираше Караџовски дека Извештајот ќе биде достапен за јавноста.

Во  Извештајот објавен од страна на Министерството за правда се заклучува дека судовите не ги применуваат доследно одредбите од Законот за управување со движењето на предметите во судовите и Судскиот деловник, АКМИС не се користи целосно во согласност со неговата намена, се злоупотребуваат одредбите од законските прописи за чести измени на годишните распореди во судовите и не се почитуваат одредбите за специјализација на судии по области.

Во Извештајот се констатира дека во Кривичниот и во Врховниот суд предметите се местеле рачно, имало повреди на процедурата за донесување на годишниот распоред, а имало и распоредување на конкретни предмети кои од еден судија се давале во работа на друг судија.

Во Извештајот се препорачува формирање на работни тела за управување со движењето на предметите и за стандардизација на постапките во судовите, засилени контроли и отстранување на неправилностите.

Во месец декември минатата година во Министерството за правда беа презентирани наодите констатирани од увидот во функционалноста на информатичкиот систем и надзор над примената на одредбите од Судскиот деловник во судовите. На прес-конференцијата, на која говореше судијата Лазар Нанев, кој ја предводеше работната група од Министерството за правда, беше истакнато дека се констатирани бројни неправилности во АКМИС-системот.

Нанев нагласи дека со констатираните состојби се доведува во прашање точноста на месечните и годишните извештаи за работата на судиите. Тој прецизираше дека Комисијата имала надлежност да утврди дали имало неправилности во функционирањето на АКМИС-системот.

„Понатаму надлежните институции ќе утврдат дали овие состојби исполнуваат законски битија на одредени инкриминации, во согласност со Кривичниот законик. Треба да се има предвид дека ако се додели предметот на очекуван судија, станува збор за повреда на Европската конвенција за човекови права во однос на пристапот до правда, постапувањето на непристрасен и независен суд и овозможување на фер судење“, нагласи Нанев.

На почетокот на оваа година Обвинителството информираше дека го истражува случајот со АКМИС-системот и дека отворило постапка врз основа на Извештајот од експертската група на Министерството за правда од контролите направени во Основниот суд Скопје 1, во Врховниот суд и во други судови.

Извештајот може да го преземете овде.

М.В