/Прочитано:

1.641

Извештајот за бонитет – сигурност и гаранција за рејтингот на странската компанија

Стопанската комора на Македонија и познатата Агенција за кредитен рејтинг „Кофејс“ – Хрватска помагаат во развојот и заштитата на компаниите и нивното деловно работење на начин кој овозможува да се добие извештај за бонитет со кој компаниите можат да го проверат деловниот партнер.

На тој начин, посочуваат од Стопанската комора, компаниите добиваат сигурност и гаранција за рејтингот на странската компанија, обезбедувајќи стабилен потенцијален партнер во услови на развивање на извозната мрежа на своето производство.

Извештајот за бонитет обезбедува информации со кои се прави процена на потенцијалните деловни партнери, а истовремено се врши и категоризација на купувачите врз основа на нивната кредитна и платежна историја.

„Сепак, оваа поволност не е врзана само за потенцијални партнери од странство, туку македонските компании можат да бараат извештај за бонитет и за партнери во нашата земја“,  вели Валентина Цветковска од Стопанската комора на Македонија..

Постојат четири причини поради кои компаниите треба да побараат извештај за бонитет, а тие се:

  • се добиваат последно обработени, најнови информации за деловните партнери;
  • се следи и кредитниот рејтинг на компаниите кои сакаат да го проверат и нивниот максимално препорачан кредитен лимит;
  • има можност за проверка на потенцијалниот партнер и онлајн;
  • може да се обезбеди кредитен рејтинг и бонитет на компанија во вкупно 200 земји во светот.

Извештајот за бонитет е поделен во неколку сегменти, во чии рамки компаниите ги добиваат следните информации:

  • Деловен извештај – претставува сигурен извор на информации и може да им помогне на компаниите да формираат мислење за деловноста, профитабилноста и стабилноста на потенцијалните партнери. Овој дел на извештајот содржи детални информации за деловните активности на компанијата која е предмет на анализа, објектите на компанијата, раководството и поврзаните друштва, историјата и финансиските показатели на компанијата.
  • Финансиски извештај – опфаќа двегодишна анализа на компанијата, истакнувајќи ги клучните показатели на бизнис-насоката за зададениот период. Овој дел на извештајот вклучува и детална анализа.
  • Кредитен рејтинг – овозможува процена на ризикот на соработката со компанијата која е предмет на анализа. Скалата на вредност е во вредност од десет нивоа на класификација на финансиската основа во распон од многу слаби до многу јаки. Оценката го одразува (покажува) минатото и ја предвидува иднината.

М.В