/ Прочитано:

463

Известување за почеток на процесот за подготовка на Нацрт на закон за системот за проценка на лица со попреченост

Министерството за труд и социјална политика преку ЕНЕР известува за почеток на процесот за подготовка на Нацрт на закон за системот за проценка на лица со попреченост.

Како што се наведува во известувањето, „Со овој закон се уредува системот на проценка на лицата со попреченост, организацијата, надлежноста, групите вработени и начинот и изворите на финансирање на Централното координативно тело за проценка на лица со попреченост, условите и постапката за лиценцирање на лицата кои вршат проценки, условите и постапката за сертифицирање на обучувачи кои спроведуваат обуки за вршење проценки, начинот на вршење на проценка на лицата со попреченост и издавање на наод и мислење и потврда за лице со попреченост, надоместоците и трошоците во системот за проценки на лица со попреченост, воспоставувањето и водењето на регистарот на лицата кои вршат проценки и на регистарот на лица со попреченост, воспоставувањето и администрирањето на информацискиот систем за проценка на лицата со попреченост, како и други прашања од значење за системот за проценки.

Проценка во смисла на овој закон претставува утврдување на попреченост како долготрајна телесна, интелектуална, ментална или сетилна оневозможеност на лице, што во интеракција со различните општествени бариери може да го спречи неговото целосно и ефективно учество во општеството на еднаква основа со другите граѓани, како и определување на нивото на преостаната работна способност и потребна поддршка на лицето.“

Временската рамка за изготвување на предлог-законот е од 15.05.2023 до 15.06.2023 година, а засегнатите страни ќе бидат вклучени во процесот преку јавен увид на предлогот на закон, јавни расправи, барања за писмени мислења, забелешки и сугестии од засегнатите страни, учество во работни групи формирани од страна на министерството или Владата, состаноци со засегнатите страни, јавни дебати по одредени прашања преку користење на електронски интерактивни алатки достапни на порталот ЕНЕР.