/ Прочитано:

917

Извршителите со прекин на работата поради новиот тарифник

Во знак на револт против новиот Предлог-тарифник на Министерството за правда, извршителите денеска ја прекинаа работата. Нивниот протест е поради тоа што со новиот Предлог-тарифник се пропишува намалување на наградата за извршување на парични побарувања од граѓаните од 1.000 евра на 300 евра. Прекинот на работата е најавен како еднодневен. Претседателот на Комората на извршители, Зоран Димов, се надева дека сите извршители ќе го поддржат прекинот на работата.

Претходно Комората на извршители истакна дека чувствува морална и етичка одговорност да ги извести медиумите и граѓаните дека Собранието на КИРСМ останува на одлуката од 23.12.2019 година, со која изразува незадоволство со предлогот на надлежното Министерство за правда за корекција, односно за намалување на Тарифата за награда и надоместок на другите трошоци за работата на извршителите.

„Особено Собранието на извршителите изразува незадоволство за повторното намалување на Тарифата во тековнава година, а исклучиво од причина што со таквиот предлог извршителските канцеларии се доведуваат во финансиска несолвентност. Комората на извршители во секој случај останува отворена за соработка и за решавање на сите отворени и спорни прашања во однос на системот за извршување во Република Северна Македонија. Собранието на КИРСМ се надева дека спорните прашања на општо задоволство ќе бидат решени со цел остварување на општоприфатеното начело на владеење на правото“, соопштија од Комората.

М.В