/ Прочитано:

4.755

Извршителот Зоран Димов – нов претседател на Комората на извршители

Собранието на Комората на извршители, кое го сочинуваат сите извршители на територијата на Република Македонија, го избра Зоран Димов, извршител од Скопје за нов претседател на Комората на извршители на Република Македонија.

Според своите законски надлежности, претседателот на Комората на извршители ја претставува и застапува Комората. Како што се определува во Законот за извршување, претседателот на Комората на извршители се грижи и одговара Комората да дејствува во согласност со закон; издава потврда за приправнички и волонтерски стаж врз основа на евиденцијата од имениците на приправници и волонтери, како и други потврди од евиденциите што ги води Комората; се грижи и одговара за овозможување на надзор над Комората и за точноста на податоците и списите при надзорот, како и за преземање на мерки за отстранување на недостатоците констатирани со надзорот во роковите определени од страна на Министерството; ги решава конфликтите помеѓу извршителите, или меѓу извршителите и нивните странки кои се однесуваат на примената на овој закон и врши други работи предвидени со Статутот на Комората.

Комората на извршители е основана на 7 јуни 2006 година на Основачко собрание на Комората  на извршители, на кое се избрани органите на Комора предвидени со Законот за извршување. Комората е со својство на правно лице и седиште во Скопје и во неа задолжително се здружуваат извршителите и замениците на извршителите. При основањето, бројот на именувани извршители изнесуваше 40, а денес во Комората на извршители членуваат 97 извршители и 6 заменици на извршители кои се распоредени на 11 подрачја на основните судови во Република Македонија.

Прв претседател на Комората е Горан Тошевски, извршител од Скопје избран на Основачкото собрание на Комората. Потоа, во периодот од 21 септември 2007 година до 10.6.2012 година претседател на Комората беше Антончо Коштанов, а во период од 10.6.2012 година до 10.6.2014 година претседател беше  Гордан Станковиќ, извршител од Скопје. Пред изборот на извршителот Зоран Димов за нов претседател на Комората, претседател на Комората беше Зоран Петрески, извршител од Скопје.

Комората на извршители на Република Македонија од 29 ноември 2007 година е рамноправна членка на Меѓународната унија на судски извршители, а воедно е и членка на Евродунавската група при оваа Унија.

Основни статутарни цели на Комората на извршители се: унапредување, координирање и развивање на извршителската дејност во Република Македонија, заштита на самостојноста и независноста на извршителите, континуирано стручно оспособување на извршителите и остварување на јавност и транспарентност на работата на Комората и вршењето на должноста на извршителите.

М.В