Извршната власт и политичките партии треба да се воздржат од изјави и дејствија со кои се доведува во прашање независноста на судската власт
Реакција на Блупринт групата за реформи во правосудството за изјавата за медиуми на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев и претседателот на политичката партија Алтернатива, Африм Гаши
Блупринт групата за реформи во правосудството изразува загриженост за изјавата дадена од претседателот на Владата дека е постигната согласност со лидер на политичка партија за Владата да испрати официјално барање до Европската Комисија со кое ќе побара тим од независни експерти да извршат меѓународна истрага за неколку правосилно завршени судски процеси. Според објавените информации се работи пред сѐ за предметите: „Монструм“, „Диво Насеље“ и „Алмир Алиу“ кои заради последиците кои ги предизвикаа како и меѓуетничкиот предзнак влијаеа особено поларизирачки врз општеството.
Ваквата практика, со политички договори, помеѓу претставници на политички партии да се договора „меѓународна истрага“ на правосилно завршени судски предмети, притоа заобиколувајќи ги воспоставените механизами во рамки на правосудниот систем, ја доведува во прашање искреноста на Владата во почитување на принципот на поделба на власта и гарантирање на независноста на судската власт.
Независноста на судството е уставно гарантирано начело кое што предвидува обврска за сите останати гранки на власт да се воздржат од дејствија со кои ја загрозуваат како и да создадат услови за нејзино почитување. Не треба да постои било какво несоодветно или неоправдано мешање во судењето кое што меѓу другото предвидува дека судските одлуки можат да се менуваат единствено од страна на судовите во постапка предвидена со закон.
Домашниот правен систем предвидува механизми за „отворање“ на правосилно завршени постапки. Законот за кривичната постапка ги уредува условите, постапката и надлежниот суд пред кои одреден правосилно завршен судски предмет може да се повтори. Дополнително, доколку постојат индиции дека судиите кои постапувале нестручно и несовесно ја вршеле судиската функција или пак сториле дисциплинска повреда постои постапка за утврдување одговорност пред Судскиот совет на РСМ. Аналогно, постои и постапка за утврдување на дисциплинска одговорност за јавните обвинители.
Исто така, сметаме дека меѓународната заедница која е присутна преку своите организации во нашата земја континуирано врши мониторинг на работата на судството и обвинителството, како и на судските предмети, а за што постојат и извештаи од следењето на прогресот во реформите во правосудството, како на пример, годишниот извештај на ЕУ за напредокот, извештаите на Прибе, на ГРЕКО, при што потсетуваме дека и во случаите кога наодите од споменатите извештаи се негативни, тие не се основ за повторување на судски процеси, туку за тоа постојат законски механизми за повторување на судските постапки.
Заобиколувањето на домашните и меѓународните судови и воспоставените правни механизми и нивната замена со ад хок политички решенија за „меѓународни истраги“ влијае негативно на довербата на граѓаните во правосудството, како и ги доведува во прашање спроведените реформи во правосудството во последните неколку години. Во исто време, оваа вонинституционална практика создава чуство на правна несигурност, но дава и лажна надеж дека постои „друга“ инстанца која е над судовите во Република Северна Македонија, а со што сериозно се нарушува почитувањето на темелните вредности на Уставот, поделбата на власта и владеењето на правото.
Ги повикуваме и охрабруваме претставниците на правосудните институции, особено Судскиот совет, Врховниот суд, Советот на јавни обвинители како и Јавниот обвинител на РСМ да преземат соодветни дејствија согласно со закон за да ја заштитат независноста и интегритетот на правосудниот систем. Исто така, укажуваме дека осудените лица како и оштетените имаат право да поднесат жалба до Европскиот суд за човекови права доколку сметаат дека со постапувањето на домашните правосудни институции им е повредено одредено право заштитено со Европската конвенција за заштита на човековите права.
Блупринт група за реформи во правосудството
- Македонско здружение на млади правници (МЗМП)
- Институт за европска политика (ЕПИ)
- Институт за човекови права (ИЧП)
- Коалиција „Сите за правично судење“ (КСПС)
- Хелсиншки комитет за човекови права
- Центар за правни истражувања и анализи (ЦПИА)
- Фондација Отворено општество – Македонија (ФООМ)
М,В