/ Прочитано:

2.535

Јагнула Куновска: Ниту еден министер за правда, од осамостојувањето до денеска, не пропуштил да се избламира

Поезија, сликарство, адвокатура, но и политика. Адвокатката која плива во политичките води, Јагнула Куновска вели дека политиката во судството не е само одлика на нашето општество туку и на „западните демократии“. Во последно време ја нема во јавност, но неодамна стана кандидат за градоначалник за општина Карпош од владејачката партија. За Куновска, измените на ЗКП нема да донесат ништо ново бидејќи ниту еден КЗ или ЗКП од 1960 година па наваму не донеле некои генерални промени, а за состојбата на македонското правосудтво појаснува дека не се разликува од состојбата во која се наоѓа општетството. 

Адвокат на Љубе Бошковски, поезија, смена на политичка партија порано бевте многу повеќе присутна во медиумите, на што сега се насочени вашите професионални активности?

– Моите долгогодишни професионални активности се трудам постепено да ги намалам. На медиумите сум перманентно присутна од 1990 година. Последните 2 години ретко прифаќам покани за настап на телевизија, престанав да пишувам и колумни за дневни весници, кое нешто го чинев редовно неколку години. Сметам дека младите се тие кои што треба да ги афирмираат своите мислења, а јас тоа што сметав дека треба да го кажам и напишам, на повеќе наврати сум и го соопштила на јавноста, и нема потреба да се повторувам. Оформените ставови не ги менувам.

Поезија, сликарство, адвокатура, политика, навидум овие полиња немаат заедничка допирна точка, но Вас ви успеа да ги доближите. Што од овие Ваши страсти, најмногу Ве исполнува?

– Се што сум работела досега, професионално и како личен ангажман било во областа на културата или политиката, сум го чинела затоа што сум сметала дека тоа е животната врвица по која мора да се оди и поради тоа не сум сметала дека на многу страни сум завртена и посветена, туку само на страната на животот. Тој бара да се живее и ништо повеќе. Онолку и на начин како што умееш и можеш. Сметам дека поезијата, сликарството, но не и адвокатурата и политиката, се мојата духовна страна која што ме исполнува. Нив не ги сметам дека се страст, туку составен дел на моето битие.

Во еден дел од вашата кариера сте работеле како судија? Постои ли разлика меѓу тогашните и сегашните судии?

– Сум работела како избран судија цели осум години. Нема разлика помеѓу тогашните и сегашните судии. Има разлика само во времето и системот во кој што се развивавме и работевме.

Некако меѓу адвокатите преовладуваат претставници на машкиот пол. Од вашето искуство како жена – адвокат, колку е тешко или лесно во земјава да се направи успешна адвокатска кариера?

– Кога пред триесет и неколку години јас стапив во адвокатурата, жени адвокати немаше. Но сега состојбата е сосема различна и мислам дека постои потполна полова рамноправност. Не правам разлика помеѓу маж и жена за да истата ја поврзам со успешна или неуспешна адвокатска кариера. Ќе потврдам дека во ова време на било кој не му е лесно во оваа земја да направи успешна адвокатска кариера. Причините се познати, бидејќи секој може да ги почуствува.

Во судница, какви противници цените?

– Во судница ценам противници кои имаат ум во главата и кои не се доведуваат себе во глупава ситуација поради тоа што „така мора“, што е чест изговор. Ценам противници кои со правно издржани аргументи, на професионален начин се трудат да го добијат предметот во полза на својот клиент, кое нешто го чинам и јас.

Што очекувате од новите измени на ЗКП, дали сметате дека нешто ќе се промени?

– Бидејќи сум преку 40 години во судството, веќе ништо не очекувам од измени во ЗКП. Ниту еден КЗ или ЗКП, а ги чувам сите од 1960-тите години (од студент до денеска), не донеле некои генерални промени со оглед да обвинетиот си е обвинет, обвинителот си е обвинител, а државата само го менува системот на сопствената одбрана, односно одбрана на граѓаните од криминалот. Навистина, најновата измена е во многу што пообемна од претходните. Но, колку е успешно сето тоа или не, не зависи само од напишаната измена. Затоа сметам успехот или неуспехот на новиот ЗКП ќе се потврди со неговата примена во праксата. Без разлика на измените на ЗКП низ годините, останува еден факт –  независно од начинот кој е превиден со законот, секогаш останува истата обврска за адвокатот да го даде максимумот во одбрана на својот клиент.

Мега судења со спектакуларни апсења, како гледате на овие предмети од организиран криминал кои имаат и по 80 обвинети, како вистинска борба против организиран криминал или фарса дека нашата полиција успешно се справува со криминалот?

– Ми смета ако во категорија на организиран криминал се сврти се и сешто. Меѓутоа, тоа како да е модерно сега. Мега судењата и спектакуларните апсења, ми сметаат и на очите и на душата, меѓутоа да ја погледнеме и другата страна. „Криминалците“  кои што не спијат и софистицирано се организираат во модерно време се обидуваат да направат паралелна структура на рамниште со државата. Сметам дека полицијата се труди и во добра мера успева да се справи со криминалот, во рамките на нејзините можности, но во алката на организираниот криминал полицијата е меѓу првите во синџирот. Поважни се последните алки од тој синџир, а тоа се обвинителството и судот.

Дали може да се побијат гласините дека политиката директно влијае врз судските одлуки?

– По однос на влијанието на политиката во судските одлуки, би препорачала да се земе во рака и да се прочита една (било која) пресуда од Хашкиот трибунал, за воените злосторници на овие простори. После тоа сметам дека нема да биде потребен никаков коментар за тоа дали политиката има или не влијание врз судските одлуки, како и за тоа дали тоа е одлика само на нашето општество, или е придобивка и на „западните демократии“.

Имате искуство во политиката, што е она што прво би го направиле доколку седнете на столчето на министерот за правда?

– Имам искуство во политиката какво што би требало да има секој самосвесен граѓанин на оваа држава. Министер за правда никогаш не сум сакала да бидам, а сум можела. Не сум сакала, од причина што како долгогодишен и искусен правник, одамна сфатив дека министерот е само едно копче во системот кое е притискано од друг. Од кого? Од потребите во дадениот општествен момент и систем. Од тие причини ниту еден министер за правда, од осамостојувањето на Македонија па се до ден денес, не пропуштил да се избламира со тоа што се покажал некадарен било што да направи или да се промовира како фактор за унапредување на судството во земјата.

 Што мислите за општата состојба во кoja се наоѓа македонското правосудство?

– Македонското правосудство не треба да се издвојува како состојба различна од општата состојба во која се наоѓаат сите институции во нашата земја, односно од општата состојба на нашето општество. Какви сме ние луѓето, таква ни е и состојбата во правосудството. Затоа не треба да не чуди таа состојба, која е само одраз на општествените превирања кои ги живееме денес, и не е ништо поразлична од состојбите во другите сегменти на истото општеството.

Што е она што ќе им го препорачате на идните правници?

– Добар правник не може да биде секој. Треба да биде образован, писмен и добар логичар, убедителен говорник. Треба да знае како да работи со факти и да ги употреби успешно за да ја докаже својата страна. Тоа треба да го знае самиот пред да се определи со професија правник, посебно адвокат, судија, обвинител, правобранител и сл.


Разговараше: Паула Божиновски Објавено: 17.12.2012