/ Прочитано:

1.936

Јанева лично од пратениците побара да му го продолжат мандатот на СЈО и да направат законски измени за непречено да функционира

Пред да упати барање до пратениците за законски измени кои се поврзани со работата на Специјалното јавно обвинителство, Јанева истакна дека го почитува Собранието и дека е благодарна на тоа дека таа е јавниот обвинител кој за првпат во историјата презентира извештај за својата работа пред законодавниот дом.

Катица Јанева на седница на Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева денеска пред членовите на собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците и пред други заинтересирани пратеници,  презентираше дел од веќе објавениот шестмесечен извештај за работата на Обвинителството со кое раководи таа.

Пред да упати барање до пратениците за законски измени кои се поврзани со работата на Специјалното јавно обвинителство, Јанева истакна дека го почитува Собранието и дека е благодарна на тоа дека таа е јавниот обвинител кој за првпат во историјата презентира извештај за својата работа пред законодавниот дом.

„Не сум видела ниту еден јавен обвинител досега да презентира извештај во Собранието, но моето присуство е доказ дека јас ја почитувам оваа институција“, рече Јанева.

Како законодавен дом ве молам:

  • да направите измена на членот 22 од Законот за јавно обвинителство за гонење на кривичните дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите за да се пролонгира рокот за работа на ова обвинителство, за да може да истражи кој незаконски прислушувал;
  • да ги донесете измените на Законот за заштитени сведоци за да можеме автономно да постапуваме во заштитата на сведоците и
  • да ги имплементирате препораките упатени во мислењето на Венецијанската комисија во однос на Законот за заштита на приватноста.

На крајот од своето излагање, Јанева рече дека е подготвена да одговара на сите прашања на пратениците.

Пред да биде отворена можноста пратениците да се пријават за реплики, обвинителката ја напушти салата, со што предизвика бурни реакции кај пратениците. Јанева се врати по неколку минути, а прв за реплика се јави Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

Во неговата реплика, која траеше половина час, Димовски ја повика Јанева да одговори за повеќе прашања кои се дел од извештајот, но и на прашања кои се наметнале во јавноста, а се поврзани со нејзиното работење.

„Како е можно од сите прислушувани разговори кои ги имате добиено, а за кои лидерот на опозицијата Зоран Заев велеше дека во нив тој е најзастапен, вие да имате отворено случај само против градоначалникот на Битола, Владимир Талески, а не и против градоначалникот на Струмица, Заев, за кој исто така постојат индиции за сторен криминал во организирањето на превозот на ученици“, праша Димовски.

Покрај тоа, Димовски побара и одговор за тоа како се трошат парите во СЈО, колку од средствата се наменети за плати на обвинители и хонорари на соработници. Димовски праша за разликата во бројот на прислушувани материјали објавени од лидерот на СДСМ во однос на тоа колку вакви разговори поседува СЈО, потоа за постапувањето на СЈО при приведувањето на градоначалникот на Општина Пустец, Едмонд Темелко и други прашања.

Димовски ѝ реплицираше на Јанева дека таа не е првиот јавен обвинител кој присуствува во Собранието бидејќи на седниците за пратенички прашања во минатото биле повикувани и поранешните обвинители Александар Прчевски и Владимир Шврговски, кои одговарале на прашањата на пратениците.

Во однос на барањето за продолжување на рокот за работа на СЈО, Димовски рече:

„Можам слободно да кажам дека нема атмосфера во Собранието на Република Македонија да ви излезе во пресрет за барањето на рокот, но ако имате желба и намера да го зајакнете тимот и да ги вратите двете обвинителки, или да побарате други обвинители да бидат вклучени во тимот, или да побарате дополнителни лица да ви помогнат во брзината на работата, подготвени сме да разговараме.“

Јанева не стигна да одговори на прашањата бидејќи пратениците повеќе од половина час даваа процедурални забелешки на начинот на кој се води расправата.

Ова е првпат Јанева да присуствува во Собранието откако беше именувана за специјална јавна обвинителка. На седницата на Комисијата присуствува и републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски, кој треба да го презентира Годишниот извештај за работата на јавните обвинителства за 2015 година.

М. С.