/ Прочитано:

1.168

ЈАНЕВА ВО СОВЕТОТ НА ЈАВНИ ОБВИНИТЕЛИ: Ќе одговарам на прашањата за извештајот, но не и на навредите упатени кон мене

Денеска, по три часа расправа во однос на прашањата на членовите на Советот, Јанева си замина од седницата испровоцирана од, како што рече, членот Зоран Сулејманов, кој не зборувал за извештајот за работата на СЈО, туку неговата дискусија преминала во лични навреди.

Катица Јанева во Совет на јавните обвинители

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева е задоволна од начинот на кој течеше денешната расправа на седницата на Советот на јавни обвинители, на која се разгледуваше извештајот за шестмесечната работа на Специјалното јавно обвинителство.

„Изненадена сум од нивната заинтересираност за работата на СЈО и се надевам дека во иднина ќе ја продлабочиме нашата соработка. Членовите на Советот решија дека ќе дојдат да ги посетат просториите на Специјалното јавно обвинителство, каде што, во согласност со нивните овластувања, ќе им бидат покажани и материјалите што ги имаме“, рече Јанева по завршувањето на седницата.

Денеска, по три часа расправа во однос на прашањата на членовите на Советот, Јанева си замина од седницата испровоцирана од, како што рече, членот Зоран Сулејманов, кој не зборувал за извештајот за работата на СЈО, туку неговата дискусија преминала во лични навреди.

„Немам намера да одговарам на личните навреди и на прашањата кои се извадени од контекст и затоа ја напуштив седницата, но сметам дека и самите јавни обвинители и членови на Советот исто така ја напуштија седницата бидејќи не го оправдуваат начинот на кој постапуваше господинот Сулејманов“, рече Јанева.

Сулејманов беше последен од членовите на Советот кој ѝ поставуваше прашања на Јанева. Тој истакна дека имал 77 прашања кои се однесувале на првиот шестмесечен извештај, кој Јанева не го презентираше во Советот, а за оваа седница прашањата ги свел на минимум и најави дека ќе ѝ постави 20 прашања.

„Не доставивте до Советот финансиски план, општ работен план, персонален план, правилник за внатрешна организација на работните места, не го презентиравте првиот извештај и арогантно се однесувавте во Советот, избркавте две обвинителки од тимот и, што е најважно, не ни доставивте записник од тоа колку прислушувани материјали сте примиле“, рече Сулејманов.

На ова Јанева одговори дека записникот за примените прислушувани материјали е класифициран податок и тој не смее да излезе од Обвинителството. Покрај тоа, таа потенцираше дека само таа го има клучот од сефовите во кои биле примени прислушуваните материјали и само таа е одговорна за него.

„Вашите критики ќе ги преточам во напредок во мојата работа за во иднина да нема вакви забелешки“, реплицираше Јанева.

Претседателот на Советот, Петар Аневски, бараше од Јанева работен план и распоред за тоа кој обвинител по кој предмет постапува и ѝ упати забелешки за непочитување на Етичкиот кодекс во поглед на тајност на постапките и почитувањето на пресумпцијата на  невиност.

Јанева истакна дека обвинителите работат на определен предмет во тимови, но сите обвинители се исто така упатени и во работата на секој тим поединечно.

„Не можам да ви кажам каков е планот на работа или кој обвинител на кој предмет работи бидејќи тоа се одлучува на состанок. Ние имаме состанок еднаш неделно каде што известуваме за текот на работата на секој тим поединечно“, рече Јанева.

Во поглед на забелешките за непочитување на тајноста на постапката и пресумпцијата на невиност, и Аневски и Јанева се согласија дека тоа било случај во минатото и дека таа практика се променила на последните две прес-конференции на СЈО.

Исто така, Јанева лично побара поддршка од Советот за измени во Законот за заштитени сведоци и им ја достави иницијативата на СЈО која бараат да биде преточена во законски измени.

Специјалната јавна обвинителка Јанева за извештајот за шестмесечното работење неколку дена одговараше и на прашања на пратениците во Собранието на РМ.

М. С.