/ Прочитано:

863

Јанкулоска: Денеска имавме најдобро организирани избори

Недела, 24 март 2013  – Локалните избори 2013 година се одвиваа во мирна, фер и демократска атмосфера. Не е регистриран ниту еден посериозен инцидент. Гласањето на избирачките места се одвиваше без проблeми и без нарушување на избирачкото право, оцени министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

„Според сите показатели, заедничка е оценката дека веројатно ги имавме најдобрите и најчистите избори досега. Сите заедно треба да бидеме горди на фактот дека Република Македонија недвосмилено демонстрираше дека местото и е во Европската Унија“, потенцира  на прес-конференцијата министерката Јанкулоска.

Таа информираше дека избирачките места во најголем број се затворени без пријавени инциденти, а изборите минаа во мирна, фер и демократска атмосфера. Не е регистриран ниту еден посериозен инцидент и немало потреба од интервенција на полицијата.

На многу мал број гласачки места регистрирани се кратки прекини на изборниот процес, кој траеле до еден час, по што гласањето продолжило. Во главно се работело за технички причини или поситни забелешки, но тоа не влијаеше врз целиот изборен процес.  „До МВР беа доставени неколку поплаки и претставки и по сите беше постапено веднаш“, истакна Јанкуловска, додавајќи дека се поднесени  вкупно три кривични и две прекршочни пријави. Две кривични пријави се поднесени во Куманово, едната против лице кое на гласачкото место 1040 ги расфрлило гласачките ливчиња, а другото против лице кое на  гласачкото место 1055 го повикал претседателот на избирачкиот одбор и вербално го нападнал и го спречил процесот на гласање. Кривични пријави се поднесени против непознати сторители, станува збор за три лица кои во струшко пресретнале лице со пречки во развојот му понудиле 3.000 денари да гласа за кандидат по нивен избор.  МВР најави дека подготвува уште една кривична пријава против лице кое што го фотографирало ливчето и му го покажало на друго лице. Прекршочна пријава ќе биде поднесена во Гевгелија против носител на листа од опозицијата и член на една политичка партија, меѓу кои настанала вербална расправија, а втората прекршочна пријава во скопско Мирковци, каде лице во алкохолизирана состојба недолично се однесувало.